Уставниот суд го укина Колективниот договор во културата
Одлуката ќе се применува од 1 април 2027 за дотогаш да се подготви нов колективен договор. Клучното прашање сега е што ќе се случува со платите
Уставниот суд го укина Колективниот договор за вработените во културата и го укина членот 78-љ од Законот за култура. Одлуката ќе стапи во сила на 1 април 2027 година, дотогаш Министерството за култура, синдикатите и другите социјални партнери треба да подготват нов колективен договор, усогласен со законските прописи.
Според образложението на Уставниот суд, проблемот е во тоа што во Законот за култура и во Колективниот договор не е утврдена јасна методологија за пресметка на платите. Судот смета дека основата за утврдување на платите мора да биде дефинирана со закон, а дополнително разработена со колективен договор.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на попладневната прес-конференција појасни дека одложеното стапување во сила на одлуката е со цел да им се остави доволно време на засегнатите страни да постигнат договор и да се избегнат последиците од нејзиното непосредно спроведување.
Синдикатот на културата кој денеска одржа и собир пред Уставниот суд, на социјалните мрежи излезе со некролог по повод одлуката на судот.
„Жална вест. Со длабока тага ги известуваме сите колеги, пријатели и почитувачи, дека на 27.11.2026 на шестгодишна возраст насилно ни беше одземен Колективниот договор за култура“, стои на фотографијата.
„Се гледаме на седумдневениот помен, благата пченица е од нас за вас. Вечнаја памјат, а вам историјата нека ви суди и ќе ви пресуди! Овековечени во историјата како ЕГЗЕКУТОРИ“ се наведува во објавата на СКРМ.
„Мнозинството судии оценија дека е потребно да дадеме одложен рок на правниот ефект на нашата одлука затоа што сме свесни за последиците што ќе настапат доколку донесовме веднаш одлука и веднаш ја објавевме во ‘Службен весник’. На овој начин ние, во суштина, оставаме простор од безмалку пет месеци засегнатите страни, значи партнерите во социјалниот дијалог, Министерството за култура, синдикатите да седнат и да работат на нов колективен договор“, изјави Костадиновски.
Осврнувајќи се на протестот на вработените во културата, кои денеска се собраа пред Уставниот суд, тој рече дека ги разбира незадоволството и реакциите, но нагласи дека задачата на Судот е да го штити уставниот поредок, а не да носи популарни одлуки.
Судијата известител во предметот, Татјана Васиќ-Бозаџиева, посочи дека Собранието треба да ги измени и дополни одредбите од Законот за култура, со цел да се утврди методологија за пресметка на платите на вработените во културните установи.
Таа објасни дека е потребно работните места да бидат систематизирани и поврзани со степенот на сложеност и соодветните коефициенти, кои треба да бидат утврдени во самиот закон.

Васиќ-Бозаџиева посочи дека актуелната законска формулација не обезбедува доволна основа за пресметување на платите, бидејќи предвидува основната плата и додатоците на плата да ги утврдува основачот на установата со општ акт, во согласност со прописите од работните односи.
Судијата потсети дека постапката била поведена на 8 април годинава и дека засегнатите страни имале време да ги разгледаат правните забелешки на Судот. Со одложувањето на примената на одлуката, како што посочи, им се остава дополнителен период за продолжување на колективното преговарање.
Одлуката засега цела мрежа национални и локални установи. Договорот ги опфаќа работните односи на повеќе од две илјади вработени во 123 установи, меѓу кои театри, библиотеки, музеи, оркестри и институции за заштита и претставување на културното наследство. Последиците затоа имаат значење и за граѓаните што ги користат нивните услуги.
Клучното прашање сега е што ќе се случува со платите. Членот 65 од договорот ја врзува основната бруто-плата со законски објавениот минимален бруто-износ и со коефициентот за конкретното работно место. Членот 66 ги разработува коефициентите според сложеноста на работата, знаењата и вештините. Со губењето на договорот се отстранува гранскиот акт во кој е запишан овој механизам.
Од укинувањето само по себе не произлегува единствен процент за намалување на платите на сите вработени. Конкретниот исход ќе зависи од новата регулатива, применливите договори и поединечните акти. Сепак, ризикот за работниците е јасен: замена на предвидливото усогласување со модел во кој идните покачувања ќе зависат од нови преговори и од годишните буџетски одлуки. Дури и задржувањето на истиот номинален износ може да значи пад на животниот стандард ако платата подолго време не ги следи трошоците.
Остра реакција упати и претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, кој ја доведе во прашање самостојноста и улогата на Уставниот суд.
„Уставниот суд денеска се укина сам себе, затоа што веќе не е суд, туку испостава, правдата слепа, судиите слепци…“, реагираше Трендафилов.
Колективниот договор за вработените во културата се применува од 2020 година, додека Законот за култура е донесен многу порано и во меѓувреме претрпе повеќе измени.