„Црно злато“ на Дуковски и Унковски – старите демони во ново руво на сцената на МНТ (фото)
Претпремиерата на „Црно злато“, по текст на култниот македонски драматург Дејан Дуковски, во режија на еден од најзначајните македонски режисери, Слободан Унковски, се одржа синоќа, во преполната сала на МНТ со видни гости од културниот и јавниот живот, во атмосфера на голем интерес за оваа претстава, пред вечерашната премиера.

Динамична, духовита, понекогаш урнебесно смешна, а потоа болна и тажна, претставата не остава простор за здодевност. Дуковски и Унковски не водат низ свет во кој апсурдот и реалноста, смеата и трагедијата постојано се испреплетуваат.

Во неа се чувствуваат и траги од драмскиот свет на Горан Стефановски, како и од „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле , но сето поставено во нов современ контекст, и проговорено со денешен јазик и сензибилитет.

Особено значајна е нејзината димензија поврзана со ЛГБТ-заедницата . Во општество во кое различноста се уште бара храброст да биде видлива, ваквата претстава отвара важен простор за разбирање, прифаќање и достоинство. Правото на идентитет, љубов и слобода не е привилегија, туку основно човеково право.

Сите актери се во свој елемент, со силна заедничка енергија: Јовица Михајловски, Мими Таневска, Камка Тоциновски, Нела Павловска, Григор Јовановски, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска и Гораст Цветковски.Режијата на Унковски е смела и препознатлива, а музиката на Златко Ориѓански е посебна вредност, органски вградено, во чистата и иновативна сценографија на Бранко Хојник и минималистичките реални и иреални костимски решенија на Александар Ношпал.

„Црно злато“ е претстава што умее да ве насмее, да ве замисли и да ве заболи. И можеби во тоа е и нејзината најголема вредност во способноста македонската драмска традиција да ја направи повторно жива, актуелна и привокативна. (Л.С.)
Фото: МНТ





