Помагаме општините да носат подобри одлуки, што граѓаните ќе ги видат: Интервју со Кирил Колемишевски, коосновач на MyCivic
Кога една општина ќе го воведе MyCivic, нејзините граѓани можат да пристапат преку телефон или компјутер и да ги користат услугите што општината ги има вклучено, вели Кирил Колемишевски, наш познат музичар, адвокат и стопанственик кој сега живее и работи во Канада
Од почетоци во музичката индустрија, како член на популарната група Нокаут, преку партнер во адвокатска канцеларија, со фокус врз застапувањето странски компании заинтересирани да отворат бизнис во Македонија, потоа вклучување во политиката како заменик министер за економија, па преку целосно нов почеток во Канада како агент за недвижности, Кирил Колемишевски прави своевиден камбек во родната земја, овој пат промовирајќи ја Мајсивик, интелигентна платформа за управување со општините, која може да им биде од помош на граѓаните и на луѓето ангажирани во локалната самоуправа. Големо признание за него лично, и за неговите партнери во компанијата, претставува учеството на светскиот експо конгрес „Смарт сити“, што се одржа од 2-4 ноември во Барселона.
Колемишевски вели дека мотивот да замине во Канада со сопругата и двете деца, бил да им обезбеди подобро образование и иднина. Сепак, не ја заборава Македонија, каде што редовно се враќа. Сега, со новата платформа очигледно има и поголеми амбиции во делот на претприемништвото. Притоа, ги вклучува и најсовремените дигитални алатки и вештачката интелигенција се со цел да се подобрат јавните услуги и да се олеснат работите за граѓаните.
Во разговорот за Независен, Колемишевски се осврнува на платфромата Мајсивик, но зборува и за други теми, како економските перспективи на Македонија, користењето на вештачката интелигенција, како и за можностите за унапредување на соработката меѓу Македонија и Канада (тој е еден од основачите на Канадско македонската стопанска комора).
Господине Колемишевски, во почетокот на овој месец учествувавте на светскиот експо конгрес „Смарт сити“, што се одржа од 2-4 ноември во Барселона, каде што во делот за стартапи ја претставивте платформата Мајсивик (Mycivic). Што претставува оваа платформа, кои се нејзините основни карактеристики?
MyCivic е интелигентен команден центар за градоначалници и општини. На едно место ги поврзува граѓанските пријави, работата на општинските служби и јавните претпријатија, роковите и резултатите. Градоначалникот може да види каде има најмногу нерешени проблеми, која служба е задолжена, што доцни и кои проблеми постојано се повторуваат. Со тој преглед може да одлучи каде денес да испрати екипа и каде има смисла да планира инвестиција.
За граѓаните, MyCivic е едно дигитално место за комуникација со општината и пристап до услугите што таа ќе ги поврзе. На сцената AI x Cities во Барселона ја претставивме токму таа идеја. Една информација од терен може да стане работна задача за службата, повратен одговор за граѓанинот и основа за подобра одлука на градоначалникот.
За кого е наменета, дали за општините или пак за граѓаните и како може заинтересираните да пристапат до неа за ја користат?
MyCivic првенствено е алатка за управување со општината. Градоначалникот и раководителите добиваат преглед на работата, а службите и јавните претпријатија добиваат јасни задачи, рокови и одговорности. Општините што сакаат да видат како функционира можат да побараат демонстрација преку mycivic.mk. На демонстрацијата можеме да покажеме како платформата би се вклопила во нивната организација и со кои услуги има смисла да почнат.
Кога една општина ќе го воведе MyCivic, нејзините граѓани можат да пристапат преку телефон или компјутер и да ги користат услугите што општината ги има вклучено. За граѓанинот е важно на едно место да може да пријави проблем, да види што се презема и да добие одговор од надлежната служба.

На интернет страницата на Мајсивик се вели дека почетна точка на платформата е секојдневното работење на градот и подобро управување со јавните услуги. На кој начин може да се оствари ваквата заложба?
Се почнува од тоа како општината работи денес. Кој ја прима пријавата, кој ја презема задачата, во кој рок треба да постапи и како се потврдува дека работата е завршена. MyCivic ги поврзува тие чекори. Ако за една интервенција треба да постапат и општината и јавното претпријатие, раководителите можат да видат кој дел е завршен и каде чека следниот чекор. Така можат да реагираат додека задачата е сè уште отворена.
Вредноста за градоначалникот расте со секоја евидентирана интервенција. Ако општината гледа дека на истата улица постојано се поправа осветлувањето, може да побара проверка на целата мрежа и да процени дали е поисплатлива трајна санација. Истите податоци што ѝ помагаат на службата да ја организира денешната работа можат да му помогнат на раководството да го подготви буџетот за следната година.
Може ли да наведете конкретни примери со кои на граѓаните им се олеснува комуникацијата со јавните служби или пак, полесно и побрзо може да завршат некоја нивна обврска?
Ако граѓанин забележи дива депонија, може да испрати фотографија и локација од телефон. Пријавата се насочува до надлежната служба според правилата на општината, а граѓанинот може да следи дали е преземена и кога е завршена. Службата може да приложи фотографија од исчистената локација. Ако повеќе луѓе го пријават истото место, општината добива преглед на пријавите и може да организира една координирана интервенција.
Истиот пристап може да се примени и на други услуги. Ако општината ги поврзе своите системи со MyCivic, граѓанинот преку едно место може, на пример, да плати данок на имот или да купи билет за автобус или музеј. MyCivic е подготвен за поврзување со постојните системи. Општината продолжува да ги користи системите во кои веќе инвестирала, а граѓанинот добива едно место од кое може да пристапи до поврзаните услуги.
Вие сте коосновач на MyCivic и Board Ready, два проекти чија цел е трансформирање на начинот на кој се раководат организациите, се донесуваат одлуките и се подобрува институционалната успешност. Како дојдовте на идејата за овие проекти, со кои предизвици се соочивте во нивната реализација и каде се присутни, во кои земји, односно на кои пазари?
И двете идеи произлегоа од нешто што сум го видел во различни организации. Луѓето можат добро да си ја знаат работата, а одлуката сепак да заглави ако информациите се расфрлани и одговорностите се нејасни. Со MyCivic го решаваме тоа во општините, преку заеднички преглед на задачите и резултатите. Со Board Ready работиме со раководители и тимови преку обуки и деловни симулации во кои вежбаат како да носат одлуки под притисок, да се координираат меѓу сектори и да преземаат одговорност.
Кај MyCivic, главниот предизвик е платформата да се вклопи во општини со различни надлежности, ресурси и системи. Во Македонија подготвуваме пилот, а преговори водиме со општини од Македонија, Србија, Косово, Белгија, Канада и Австралија. Кај Board Ready, предизвикот е обуката да се претвори во нешто што раководителите можат да го применат со својот тим, да ја подобрат раководењето со компанија и да постигнат подобри резултати во иднина. Во Македонија веќе работиме со корпоративни клиенти, меѓу кои се банки и осигурителни комоании.

Колку вашето искуство како адвокат во Македонија, заменик министер за економија, работењето во Банката за развој, а потоа и агент за недвижности во Канада ви помогна да ја реализирате оваа идеја?
Секоја од тие улоги ми даде различен поглед на истиот проблем. Адвокатурата ме научи колку е важно да се знае кој има надлежност и како се документира една одлука. Работата во Министерството за економија и во Банката за развој ми покажа што е потребно за една одлука да се спроведе, од координација меѓу институции до обезбедување ресурси и следење на резултатите.
Работата со клиенти во Канада, пак, ме научи колку луѓето ја ценат јасната информација. Сакаат да знаат што е направено, што следи и кому можат да се обратат. Тоа е принцип што го применувам и во двата проекта. Кај MyCivic се гледа во начинот на кој општината постапува и му одговара на граѓанинот, а кај Board Ready во начинот на кој раководителите ги договараат обврските и го следат нивното исполнување.
Често ја истакнувате улогата на вештачката интелигенција. Колку таа е присутна во платформите кои што ги креирате и како гледате на нејзината примена во различни аспекти на современото живеење и работење – како катализатор на позитивни промени и напредок, или како нужно зло?
Во MyCivic основата е организирана евиденција на пријавите, задачите и интервенциите. Во понатамошниот развој, вештачката интелигенција ја гледаме како поддршка за анализа. На пример, може да му укаже на раководителот дека одреден дефект се повторува на повеќе блиски локации и дека вреди да се испита дали има заедничка причина. Општината ја проверува информацијата и одлучува дали е потребна интервенција. Кај Board Ready, фокусот е на човечкото расудување, координацијата и одговорноста на раководителите за одлуките што ги носат.
Ја гледам вештачката интелигенција како катализатор на напредок кога има конкретна задача и кога човек може да го провери резултатот. Ако на службата ѝ скрати часови рачно прегледување извештаи, тие часови може да ги насочи кон работа на терен. За мене, вредноста се мери токму во тоа што тимот може да го направи подобро или побрзо со помошта што ја добива.

Од денешна гледна точка, со оглед на вашето искуство, и од географска дистанца, со оглед дека живеете во Канада, како гледате на економските перспективи на Македонија, што ѝ недостасува да обезбеди одржлив економски развој?
Гледам простор Македонија да расте преку компании што создаваат сопствен производ со додадена вредност и можат да го продаваат на повеќе пазари. Тука ги вклучувам софтверот, инженерските услуги и специјализираното производство. За таквите компании да пораснат, потребни се предвидливи правила, побрзи административни постапки, пристап до капитал и до први купувачи. Една добра идеја добива економска вредност кога компанијата може да ја тестира, да ја продаде и да го повтори тој успех со следниот клиент.
Важна улога имаат и општините. Кога локалните услуги се добро организирани, инфраструктурата се одржува плански, а постапките се јасни, фирмите полесно одлучуваат каде да вложат и да отворат работни места. Дијаспората може да помогне со контакти, познавање на странските пазари и пристап до први клиенти. Таквата соработка има најголема вредност кога домашна компанија добива можност да го развие производот во Македонија и да го продаде надвор.
Вие сте еден од основачите на Канадско-македонската стопанска комора. Во кои области ги гледате можностите за развој на економските односи меѓу двете земји, и дали приближувањето на Канада и ЕУ може да биде поттик за зголемување на трговската размена, или можеби за канадски инвестиции во Македонија?
Најконкретни можности гледам во софтверот и инженерските услуги, прехранбените производи, енергетиката и специјализираното производство. Во Канада, дијаспората може да им помогне на македонските компании да стигнат до првиот дистрибутер, купувач или деловен партнер. Во обратна насока, канадска компанија може да најде во Македонија партнер со техничко знаење и капацитет за заеднички развој или производство. Улогата на Комората ја гледам во тоа да им помогне на тие компании да се најдат и побрзо да проверат дали има основа за соработка.
Поблиските економски врски меѓу Канада и ЕУ можат да бидат поттик ако канадските компании почнат да разгледуваат повеќе партнери и во поширокиот европски регион. За Македонија, можноста е да понуди конкретни проекти со подготвени тимови, јасни услови и пристап до купувачи. Еден добро реализиран заеднички проект може да отвори повеќе врати од десет општи средби, бидејќи на следниот инвеститор му покажува со кого може да работи и што може да очекува.