Втората Национална конференција за безбедност на патиштата – Ѓорѓиевски: Да го намалиме бројот на загинати и тешко повредени за најмалку 50% до 2030-та
Денеска, на втората Национална конференција за безбедност на патиштата, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски ја истакна заедничката обврска до 2030 година да биде намален бројот на загинати и тешко повредени во сообраќајот за најмалку 50%.
„За Скопје поставивме уште поамбициозна цел, нула сообраќајни несреќи со смртен исход до 2030 година“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека во неговата програма предвидел редизајн на 50 критични крстосници и улици според докажани европски стандарди.
Воедно, додаде дека ќе вложуваат и во подобро осветлување, јасна сигнализација и поврзани пешачки и велосипедски патеки.

„Како градоначалник, моја одговорност е да направам сѐ што е во моја моќ за секое дете безбедно да стигне на училиште и секој родител да се врати дома кај своето семејство.Моја цел е детето што тргнува на училиште да може безбедно да ја премине улицата, а човекот што користи инвалидска количка да може непречено да се движи по тротоарот“, наведува градоначалникот.
Токму затоа, како што вели тој, уште од првиот ден, меѓу приоритетите ги ставил булеварот „Борис Трајковски“, мостот на „Љубљанска“ и клучката „Момин Поток“.
„Нивната вредност скопјани ќе ја почувствуваат секој ден кога ќе патуваат побезбедно до работа, до училиште и до дома. Го поздравувам проектот „Безбеден град“ (Safe City) на МВР кој веќе е и меѓународно награден, благодарение на министерот Панче Тошковски, кој со евидентирањето на прекршоците придонесува за поголема дисциплина зад воланот“, порача Ѓорѓиевски.