„Зборник 16“: Ново издание на Археолошкиот музеј, 29 научни и стручни прилози , 43 автори од Македонија и од светот


Фото: Б. Грданоски

На 30 ноември (понеделник), во 12, 30 часот, во Националниот археолошки музеј – Скопје ќе биде промовиран 16. број на Зборникот, обемно научно издание кое обединува истражувања, нови сознанија и научни толкувања од различни области на археологијата. Промотори се проф. д-р Ирена Теодора Весевска и д-р Перо Арџанлиев.

Во публикацијата учествуваат 32 македонски и 11 странски автори, меѓу кои истражувачи од Италија, Канада, Словенија, Полска, Грција, САД и Србија. Нивниот придонес го потврдува меѓународниот карактер на изданието и значењето на научната соработка во истражувањето и проучувањето на археолошкото наследство.

Застапените трудови опфаќаат широк хронолошки распон од палеолитот до доцната антика. Покрај археолошките истражувања и анализите на материјалната култура, посебно место имаат археометријата, епиграфиката, нумизматиката, антропологијата, геофизичките истражувања и примената на современи научни методи во археологијата. Изданието вклучува и прилози посветени на историјата на Археолошкиот музеј, како и на презентацијата и интерпретацијата на археолошкото наследство.

Со својот обем, тематска разновидност и учество на домашни и меѓународни научници, Зборник 16 претставува значаен придонес кон македонската археолошка библиографија и публикација со трајна научна и документарна вредност.