Мицкоски тврди дека Македонија прва влегла во СЕПА. Не е точно. Црна Гора беше прва


 

Политичарите многу често сакаат да тврдат кога тие раководат се некоја влада нивната земја била прва во многу области. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски тоа го тврди речиси постојано во последните година и пол-две.

Така беше и денеска кога во Собранието за да претстави успеси на неговата влада рече дека Македонија прва влегла во системот СЕПА за намалување на трошоците за плаќање во странство. Или пак ден претходно повторувајќи дека Македонија е „фронтранер“ во остварувањето на реформите за Планот за раст.

Податоците за влегувањето во системот СЕПА податоците не се такви, Македонија не е прва.

Што велат официјалните информации?

Албанија и Црна Гора станаа дел од географскиот опфат на СЕПА во ноември 2024 година, а по нив, во март 2025 година, следеа Молдавија и Македонија.

Тоа беше првата фаза. Молдавија и Црна Гора постигнаа целосна оперативна подготвеност на 6 октомври 2025, а Македонија и Албанија започнаа со целосна примена на системот на Единствена област за плаќања во евра (СЕПА) еден ден подоцна, на 7 октомври. Србија го направи тоа во мај 2026.

Еве, ќе го земеме официјалното соопштение на Генералниот директорат за проширување и источно соседство од 16 октомври 2025.

„Европската комисија ја поздрави одлуката 40 банки од Албанија, Молдавија, Црна Гора и Северна Македонија официјално да се приклучат кон шемите на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Овој историски чекор ќе ги направи трансакциите во евра помеѓу овие четири партнери и Европската унија посигурни, побрзи и поевтини, со потенцијал за заштеда до 500 милиони евра за поединците и деловните субјекти. За малите и средните претпријатија, ова исто така ќе ги поедностави меѓународните трансакции и ќе ја унапреди прекуграничната трговија.

Оваа одлука беше донесена од Европскиот совет за плаќања откако четирите земји станаа дел од географскиот опфат на СЕПА – Албанија и Црна Гора во ноември 2024 година, а Северна Македонија и Молдавија во март 2025 година“.

Географскиот опфат на СЕПА вклучува 41 земја. СЕПА претставува обединета зона за трансакции во евра, која овозможува брзи, ефикасни и стандардизирани плаќања низ земјите-членки.

СЕПА ги третира прекуграничните плаќања во евра на ист начин како и домашните плаќања, со што се поедноставуваат трансакциите во рамките на Европа. Таа ги опфаќа сите земји-членки на ЕУ, како и неколку земји кои не се членки на ЕУ, меѓу кои се Швајцарија, Норвешка, Исланд и Монако.

Пред заминувањето во Брисел на самитот ЕУ-Западен Балкан Мицкоски изјави дека Македонија е „фронтранер“ во реформите. Податоците што дојдоа од ЕУ се дека Македонија е на третото место. Црна Гора и Албанија ќе добијат 15 отсто плус од средствата од Планот за раст, а Македонија 10 проценти од земјите кои не направиле доволно реформски чекори – Србија, Босна и Херцеговина и Косово.