Во ЕУ во сопствен дом живеат 68 отсто од населението, во Македонија 92,7 отсто
Сопствениот дом останува доминантен начин на живеење во Европа, но моделите на домување значително се разликуваат од земја до земја. Според најновите податоци на Eurostat, објавени денеска, 68 проценти од населението во Европската Унија живее во сопствен дом, додека 32 отсто живее под кирија (Eurostat – Housing in Europe 2026 ).
Најголем удел на сопственици има Словачка, каде што 94 проценти од населението живее во сопствено живеалиште. На спротивната страна е Германија, единствената членка на ЕУ во која мнозинството живее под кирија: сопствен дом имаат само 47 проценти од жителите. Ова покажува колку се разликуваат моделите на домување во Европа – додека во дел од западноевропските земји изнајмувањето е вообичаен начин на живеење, во Централна и Источна Европа сопственоста е многу пораспространета.
Во Македонија сопствен дом имаат 92,7 проценти од домаќинствата
Висок удел на сопственичко домување има и во Македонија. Според Анкетата за потрошувачката на домаќинствата за 2024 година, објавена во Статистичкиот годишник на Државниот завод за статистика за 2025 година, 92,7 отсто од домаќинствата живеат во сопствен стан.
Од останатите, 1,2 отсто изнајмуваат цел приватен стан, 0,5 отсто користат дел од приватен стан, а 0,3 проценти живеат во државен стан. Дополнителни 5,1 отсто живеат кај родители, деца или други роднини (извор: ДЗС – Статистички годишник 2025, табела T-08.01.12 ).
Според Еуростат, пак, 87 проценти од населението во Македонија живеело во сопствен дом во 2024 г. Разликата во однос на податокот на ДЗС произлегува од тоа што едниот показател го мери уделот на домаќинствата, а другиот уделот на населението.
Колкав дел од доходот оди за домување?
Сопственоста на стан или куќа не значи автоматски и помал финансиски товар. Според Eurostat, во 2025 година домаќинствата во ЕУ во просек издвојувале 18,9 отсто од расположливиот доход за трошоци за домување.
Во Шведска овој удел достигнувал 24,2 отсто, а во Германија 24,1 отсто. Франција била поблиску до европскиот просек, со 18,5 проценти.
Најголем товар во ЕУ имале домаќинствата во Грција, каде што трошоците за домување достигнувале 34,6 проценти од расположливиот доход, додека најнизок удел е регистриран во Кипар, со 10,9 отсто.
Во регионот, Србија издвојувала 20,2 отсто, Бугарија 18,1 отсто, а Хрватска 11,5 проценти од расположливиот доход за домување.
Не е проблем само цената, туку и условите за живеење
Во 2025 година, 8,8 отсто од населението во ЕУ не можело финансиски да си дозволи соодветно да го загрее својот дом. Дополнително, 7,7 отсто живееле во домаќинства во кои трошоците за домување надминувале 40 проценти од расположливиот доход. Проблемот е поизразен во градовите, каде што уделот достигнувал 9,6 отсто, наспроти 5,6 отсто во руралните средини.
И недостигот од простор останува сериозен проблем. Во 2024 година, 16,9 проценти од населението во ЕУ живеело во пренаселени станови. Највисоки стапки биле регистрирани во Романија со 40,7 отсто, и Латвија со 39,3 отсто.
Инвестициите во домови во Европа на најниско ниво од 2015 година
Дополнителна слика за состојбата на европскиот станбен пазар дава и објавата на Eurostat од 24 ноември. Според неа, во 2025 година инвестициите на домаќинствата во ЕУ изнесувале 8,1 отсто од бруто-расположливиот доход, наспроти 8,2 отсто во 2024 година. Тоа е најниското ниво од 2015 година.
Најголем дел од доходот за инвестиции издвојувале домаќинствата во Кипар, 15,3 проценти, Холандија, 11,3, и Чешка, 10,5 проценти. Најниски стапки имале Шведска со 4,7 проценти, Полска со 5 отсто и Словачка со 5,7 отсто. Овој показател се однесува главно на вложувањата во купување и реконструкција на станбени објекти. Не ги опфаќа редовните трошоци за кирија, струја, вода и одржување.
Во Македонија има понови податоци за станбената изградба. Лани, според податоците од Државниот завод за статистика деловните субјекти завршиле 3.733 станови, со вкупна корисна површина од 280.644 квадратни метри. Просечната површина на становите изнесувала 75,2 квадратни метри.