Теодора Ефтимовска-Бојковска предложена за судијка на Уставниот суд


Фото: Б, Грданоски

 

Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на денешната 65-та седница едногласно ја предложи судијката Теодора Ефтимовска-Бојковска за кандидат за судија на Уставниот суд. Ефтимовска-Бојковска доаѓа од Основниот суд – Гостивар.

Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, информира дека по констатирањето на оставката на судијата на Уставниот суд,  Гоце Наумовски, на 20 јули 2026 година, потребно е да се избере нов судија. Тој посочи дека Комисијата, врз основа на своите надлежности, ја предлага Ефтимовска-Бојковска за оваа функција.

Теодора Ефтимовска-Бојковска, како што информира Сајкоски, потекнува од Тетово. Таа во 1995 година дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1996 до 1998 година волонтирала, од 2008 година била избрана за судија во Основниот суд – Гостивар, каде што работела на предмети од граѓанската материја. Со одлука на Судскиот совет, во периодот од 2023 до 2026 година, била упатена да врши судиска функција во Основниот суд – Тетово, каде што работи предмети од истата област.

Според Сајковски, станува збор за искусен судија.

Предлогот беше усвоен со осум гласа „за“, без гласови „против“ и „воздржани“. На седницата беше разгледано и барањето на Лирим Сулејмани за остварување право на плата по престанокот на функцијата член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги на управување со комунален отпад. Комисијата го усвои предлогот за остварување на правото на плата по престанокот на функцијата.