Ќе се одреди лице за конкретна поддршка за жените жртви на насилство
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави повеќе мерки за поддршка и заштита на жртвите на родово базирано насилство, меѓу кои бесплатна правна помош, психолошко советување, безбеден превоз и помош за економско осамостојување.
Ѓорѓиевски информира дека Град Скопје веќе отстапил стан во сопственост на Градот за отворање шелтер-центар, наменет за заштита и привремено сместување на жртвите на родово базирано насилство. Дополнително, Градот финансиски ги поддржува здруженијата кои обезбедуваат стручна помош и советување.
Тој ова го соопшти по учеството како панелист на дискусија посветена на борбата против родово базираното насилство, во организација на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, УМС и Градскиот комитет на партијата.
Како дел од најавените активности е програмата „Не си сама – бесплатна поддршка за нов почеток“, која треба да опфати бесплатна правна помош и психолошко советување, безбеден превоз до засолниште или надлежна институција, како и итни пакети со храна, хигиенски средства и основни производи за децата.
Предвидено е и назначување едно лице за контакт кое, со согласност на жената и со почитување на доверливоста, ќе ѝ помогне да ја добие потребната поддршка без постојано повторување на трауматичното искуство пред различни институции.
Ѓорѓиевски најави дека на тематска седница на Локалниот совет за превенција ќе се утврдат надлежностите за секоја услуга и начинот на постапување во итни случаи.
Во план е и потпишување меморандум за соработка со УНФПА, организирање сертифицирани обуки за практични вештини и поврзување на жените со работодавачи, со цел нивно економско осамостојување.
Дополнително, ќе се обучуваат вработените во градските служби, јавните претпријатија и установите за препознавање и соодветно постапување при случаи на насилство, а со средношколците ќе се разговара за личните граници, рамноправноста и препознавањето насилство во врските.
„Одговорноста за насилството е кај насилникот. А мојата одговорност како градоначалник е кога на една жена ќе ѝ кажеме ‘Не си сама’, таа да знае дека има сигурно место денес и поддршка за самостоен живот утре“, порача Ѓорѓиевски.