Протестен собир на СКРМ пред Уставниот суд за Колективниот договор


Ве известуваме дека на 27.11.2026 (петок) во 10 часот СКРМ ќе одржи протестен собир пред Уставниот суд.
Повод за протестниот собир е постапувањето на Уставниот суд во врска со уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, од чиешто опстојување зависат стекнатите работнички права на илјадници вработени во културата.
„Ова е борба за правна и социјална сигурност, борба за достоинство, еднаквост и почитување на трудот на сите културни работници.Не дозволуваме културата да биде обезвреднета, а работничките права избришани! Нашето присуство е порака дека зад овие права стојат луѓе, професионалци и институции кои нема да молчат кога се доведува во прашање нивната иднина!, се вели во соопштението на СКРМ.
Уставниот суд вчера ја информира јавноста дека предметот во кој се оспорени членот 78-љ од Законот за културата и Колективниот договор за културата,  е ставен на дневен ред на седницата закажана за петок, 27 ноември 2026 година и е во фаза на гласање.

Уставниот суд, во врска со актуелните предмети за кои претстои донесување одлука, се воздржува од јавно коментирање на правните аргументи и од какво било прејудицирање на исходот од постапката.

Во согласност со заложбите за транспарентност и отчетност, јавноста ќе биде навремено и целосно информирана за одлученото.

Почитувајќи го правото на секој субјект јавно да ги изразува своите ставови, Уставниот суд апелира до сите засегнати страни да ја почитуваат неговата уставно загарантирана независност и да овозможат процесот на одлучување да се одвива непречено, ослободен од каква било форма на притисок или влијание.

Уставниот суд одлучува исклучиво врз основа на Уставот, независно од очекувањата, интересите или популарноста на темите во јавниот дискурс.