Мојсова-Чепишевска: Велко Неделковски е современик на детството

Со 18 наслови во 12 книги одбележани 80 години живот и 60 години творештво


„Со овие книги се расте и во македонскиот јазик“, порача Весна Мојсова-Чепишевска на промоцијата на јубилејната едиција на Велко Неделковски. Со 18 наслови во 12 книги, меѓу кои и нови дела, „Арс Ламина“ одбележа 80 години живот и 60 години творештво на писателот кого промоторката го определи како „современик на детството“ и класик на македонската книжевност за деца.

„Генерациите што пораснале со неговите дела, веќе им подаваат книги на своите деца и внуци. А тој продолжува да му се обраќа на детето што првпат ќе го прочита. Да се одржи таков разговор низ децениите е големо писателско остварување“, истакна Мојсова-Чепишевска.

Во беседата, таа ја препозна книжевната сила на Неделковски во сериозноста со која им пристапува на детските чувства. Првата љубов, училишното недоразбирање или семејната болка имаат целосна тежина во животот на детето. „За него, првата неправда е веќе цела неправда“, нагласи промоторката. Во „Втора смена“, преку дневникот, детето само раскажува за својот внатрешен свет, а во „Збунети години“ љубовното писмо станува прашање на храброста да се застане зад сопствените зборови.

Неговите ликови имаат простор да се двоумат, да грешат и да ги откриваат своите чувства. Токму затоа читателот може да се препознае во нив. Осврнувајќи се на „Симчо“, Мојсова-Чепишевска ја нагласи одговорноста што ја буди таквата блискост: кога ќе го засакаме книжевниот лик, потешко остануваме рамнодушни кон вистинското дете што носи слична мака.

Со телевизиските серии „Саки од Саканија“, „Светот има осум страни“ и „Царството на другарството“, Неделковски влезе во домовите и во секојдневните разговори на генерации деца. Нивните наслови го будат сеќавањето на нетрпеливото очекување на следното продолжение. Според Мојсова-Чепишевска, повторното објавување на книгите, повторното прикажување на сериите и нивното проучување ги доближуваат делата и до децата што допрва ќе создадат свои спомени од нив.

Неделковски, посочи промоторката, им помага на децата да стекнат сигурност во сопствениот јазик: „Во книгата, во гласот од радиото, во репликата од телевизиската серија, детето го слуша својот свет. Открива дека на тој јазик може да се пошегува, да ја именува тагата, да му го довери на некого она што тешко го изговара. Од тие средби се создава чувството дека јазикот ни припаѓа и дека имаме што да кажеме со него“.

„Книгата за деца може да го надживее детството на својот читател“, истакна Мојсова-Чепишевска. Вредноста на овие дела одново се потврдува во средбата со секој нов читател. Љубовното писмо денес може да стане порака на екран, но храброста потребна за да се испрати останува подеднакво важна.

Едицијата содржи шест самостојни изданија и шест „Прегрнати книги“, во кои по две дела се сместени меѓу исти корици. На познатите дела им се придружуваат нови наслови, меѓу кои „Верочка и вовчек“, „Детето со име Димец“ и „Во царството виножит“.

„На осумдесет години, Неделковски ни подава нови книги. Додека ние се навраќаме на прочитаното, тој ни дава уште нешто за читање. Делото што го славиме сè уште расте“, порача Мојсова-Чепишевска.

Таа ја нагласи и улогата на издавачите, библиотекарите, наставниците и родителите во доближувањето на книгата до детето. Притоа повика почитта кон писателот да продолжи и по чествувањето, со внимателно избрана книга што ќе му се подари на нов читател.

„Вашето дело ни овозможува да се сретнеме иако не сме растеле во исто време. Тоа е ретка писателска среќа: Вашето име да стои на корицата, а Вашиот збор да стане дел од нечие растење“, му порача Мојсова-Чепишевска на Неделковски.