„Катабаст“ на Стефан Бергер во Галерија „ОСТЕН“


Утревечер, на 26 ноември (четврток), во 19 часот, во галеријата ОСТЕН во Скопје, ќе биде отворена изложбата на дела на хартија со наслов „КАТАБАСТ“ на шведскиот визуелен уметник Стефан Бергер, добитник на престижната награда „Уметник на Европа 2026“.

Цртежите, комбинирана техника на хартија, на Стефан Бергер започнуваат со реченица која истовремено е и врата кон едно сеќавање: „Моите слики се обид да се присетам што се случувало во просториите во кои пораснав – како станав тоа што сум, кој ме видел и што сум видел јас“.Но, во оваа изложба, тие „простории“ не се само домашни ентериери. Тие се и сцена на едно слегување во длабочините.

Насловот на изложбата произлегува од поимот „катабаза“ (katabasis) – античкиот мотив на слегување во подземниот свет. Поаѓајќи од овој мотив, изложбата ја преобразува галеријата ОСТЕН во театарска сцена. Делата на хартија сочинуваат камерна драма во која се појавуваат и повторно се враќаат неколку архетипски ликови: „Катабастот“ (оној што слегува), „Чистиот“ (оној што секогаш е уреден) и „Нарцисот“ (оној што е вљубен во сопствениот лик).

Внатре во геометриските мрежи од молив и вкрстените линии што ја структурираат хартијата, овие фигури се врзани за своите состојби на постоење. Постои опиплива тензија помеѓу останувањето на истото место и можноста за продолжување понатаму. Желбата, моќта, тагата и вината се испреплетуваат не само со фигурите, туку и со набљудувачот.
Како Алиса кога пристигнува на вечната чајанка на Лудиот Шапкар и Мартовскиот Зајак во Земјата на чудата, каде што времето одамна застанало, или како Данте додека минува покрај заробените души во „Божествената комедија“, набљудувачот, покрај трите архетипски фигури, се појавува како четврто присуство. Ликовите во цртежите не можат да заминат; единствено можат да зборуваат, да се присетуваат и одново да ги повторуваат своите гестови. Единствено набљудувачот се движи низ галеријата, носејќи ги нивните ликови и приказни со себе.

Огледалото и водата се мотивите што ги поврзуваат овие фигури. Во густите, слоевити наноси на акварелот на Бергер се појавуваат водните површини во кои Нарцис го здогледува сопствениот одраз – лик што може да го види, но не и да го допре. Тоа е невозможна средба, обележана со сеќавањето на некој што повеќе не е присутен. Потпирајќи се врз митот за Нарцис, (со неговите теми на неостварена љубов, загуба и смрт), но и врз концептот на „внатрешното око“ (сликата што продолжува да живее во нашиот поглед откако веќе сме ја виделе), делата истражуваат како сликите што ги набљудуваме не само што се одразуваат во нас, туку и самите возвраќаат со поглед, оставајќи трага и менувајќи нè.

 

Бергер е долгогодишен учесник на ОСТЕН Биеналето, каде што има освоено повеќе значајни признанија, меѓу кои Првата награда за тема во 2009 година и „Златен ОСТЕН“ во 2010 година. Во 2026 година ја добива наградата „Уметник на Европа“, доделена од Светската асоцијација за визуелни уметности (САВУ).

Со уметничка кариера што трае од крајот на 1980-тите години, Бергер има изложувано во Шведска, Европа и САД, а неговите дела се дел од повеќе значајни уметнички колекции. Покрај цртежот и сликарството, работи и на сценографија и костимографија за театарски и филмски продукции.

Изложбата ќе биде поставена до 13 декември 2026 година.