Осветлена новогодишната елка во Атина – една од највисоките во изминатите години (фото)


Од планинско село во близина на градот Триполи на Пелопонез во центарот на Атина пристигна 21-метарска природна елка, која во изминатите денови беше поставена и украсена, а вечерва и официјално „блесна“ на специјална манифестација за осветлување, организирана од општината со што беше означен и почетокот на празничниот период, додека пак атинскиот градоначалник Харис Дукас одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина посочи дека грчката метропола веќе е дестинација и за божиќните и новогодишните празници.

Атина оваа година има една од највисоките новогодишни елки, за споредба лани беше 19 метри, пред две години 20, а во 2023 година 17 метри.

Традиционално, осветлувањето на елката беше проследено со концерт, а Грците, на сите возрасти, го исполнија плоштадот Синтагма и забавуваа во што помогна и пријатното време.

Со одбројување, градоначалникот на Атина, Харис Дука, заедно со водителот Јоргос Лианос и пејачката Марина Спану го притиснаа копчето со кое се осветли не само елката, туку и плоштадот Синтагма и илјадниците светилки, со што се означи почетокот на празничната атмосфера во Атина и се запалија сите сијалички, како на самата елка, така и на околните улици.

Новогодишната елката традиционално е украсена со црвени и златни топки, светлосни украси од плексиглас и илјадници метри светлечки лампиони, а плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент е осветлен со 21.000 метри светлечки украси, односно околу 168.000 лампиони.

На столбовите на плоштадот се поставени венци и светлечки ѕвезди, а и оваа година фигурата на Дедо Мраз ги очекува посетителите за фотографирање

На влезот на трговската улица „Ерму“, најпознатата за шопинг во грчката метропола повторно е поставена новогодишната порта.

Дукас: Атина веќе станува туристичка дестинација дури и за време на Божиќните празници

Градоначалникот на Атина Харис Дукас посочи дека осветлувањето на елката е „одличен почеток за деновите што следуваат, сè до новогодишната ноќ, а до тогаш се планирани 130 настани на 45 локации во градот.

Истакна дека е планирана манифестација за најдолгата ноќ во годината, на 19 кон 20 декември, спомена дека истиот викенд ќе биде и трката на Дедо Мразовци (Santa Run), за Божиќ и оваа година ќе се одржи „Ноќта на желбите“ со хартиени фенери, и нагласи дека на Синтагма ќе се организира и традиционалната прослава за дочекот на Новата година.

На прашањето на дописничката на МИА од Атина, што туристите би можеле да очекуваат оваа година од грчката метропола и дали привлекува туристи и за овој период од годината, Дукас објасни дека градот веќе е и божиќна дестинација.

– Вчера разговарав со луѓе кои работат во хотелите и ми кажаа дека годинава исполнетоста на хотелските капацитети е од 75 до 80 проценти, а лани овој период беше 40 отсто. И ова покажува дека Атина веќе е туристичка дестинација и за време на Божиќните празници. И мислам дека го заслужуваме тоа, бидејќи градот е навистина прекрасен. Имаме многу божиќни пазари на бројни плоштади. Осветлени се 80 проценти од улиците и населбите во Атина, а има и многу бесплатни настани, објасни Дукас.

Празничната магија не завршува на плоштадот Синтагма

Но, празничната атмосфера не е само на плоштадот Синтагма, туку и на околните улици и булевари, а според општина Атина, оваа година, со новиот концепт на празнично украсување на целиот град, населбите ќе добијат нов празничен изглед.

Планирани се вкупно 77.220 метри светлечки украси на 50 различни локации низ градот, вклучувајќи плоштади, улици и јавни објекти, мрежата на улично осветлување ќе биде збогатена со 1.958 украсни сијалички на 84 локации, 1.315 висечки украси на над од 26 избрани локации и главни сообраќајници во градот, како и 62 тридимензионални светлосни инсталации, распоредени на 60 плоштади и пешачки зони низ градот.

За осветлувањето и украсувањето на градот, општина Атина користи лед-технологија со ниска потрошувачка на енергија.

Првата новогодишна елка во Грција за оваа година, како и досега беше осветлена традиционално пред 20-ина дена, во пресрет на празникот Свети Архангел Михаил, во малото планинско село Таксиархис на Халкидики, познато и како селото на елките.

Токму од Таксиархис е и 18-метарската елка во Солун, што свечено ќе биде осветлена следната среда. 

(Фото: МИА)