Две години условна казна затвор за битолскиот инспектор за дивоградбата во Дихово


Дивоградбата во село Дихово (Фото: Општина Битола)

 

БИТОЛА – Основниот суд од Битола го прогласи за виновен инспекторот од Општина Битола познат по случајот со дивоградбата во потпелистерското село Дихово. Вработениот инспектор од Општина Битола, познат лик во градот, покрај вилата во дворот изградил и базен.

Инспекторот доби две години условна осуда со услов да не го повтори делото. Вработениот инспектор е суспендиран од работа од пролетта 2025 година.

„За обвинетиот донесена е пресуда од 16.11.2026 година со која истиот е огласен за виновен за кривично дело ‘Бесправно градење’ од член 244-а став 1 од Кривичниот законик и му е изречена алтернативна мерка-условна осуда со која му се утврдува казна затвор во траење од две години која нема да се изврши доколку осудениот за време од четири години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело“, стои во пресудата на Основниот суд Битола која ја виде „Независен“.

Ваква одлука донесе кривичниот судија Елена Журовска од Основниот суд Битола. Оваа пресуда за инспекторот не е правосилна.

На 2 април 2025 година, краток период по големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Општина Битола тргна во справување со дивоградбите.

Најголемо внимание во јавноста привлече информацијата за дивоградби во Потпелистерието, односно на патот за НП „Пелистер“, Нижеполе и Дихово.

Откако општината со фотографии ги објави дивоградбите, кусо потоа потврди дека една од нив е на вработен инспектор во Општина Битола.

„По допрен глас, извршен е увид и на објект во сопственост на вработен во Општина Битола. Врз основа на констатираната состојба, во моментот се врши проверка на документацијата и утврдување на евентуални неправилности. Доколку, истите бидат утврдени, ќе биде постапено согласно закон“, соопштија од Општина Битола.

По ова Општина Битола го суспендира од работа инспекторот додека траеше предистражната постапка. Инспекторот се жалеше на суспензијата, но Агенцијата за администрација ја отфрли неговата жалба. 

Во август 2025 година, Основното јавно обвинителство од Битола покрена обвинение за инспекторот од Општина Битола, по што почна и судски процес.

Обвинетиот раководител во општинскиот инспекторат во Битола, во временскиот период од октомври 2013 година до март 2016 година, во атарот на селото Дихово, надвор од градежен реон, односно во местото викано Трновски ливади, на земјоделско земјиште во сосопственост на повеќе физички и едно правно лице изведувал градба и изградил помошен објект на три ката со вкупна површина од 193 м2.  

Објектот го изградил без претходно да обезбеди согласност од Министерството за земјоделство, согласно чл.51-а од Законот за земјоделско земјиште и без одобрение за градење донесено во постапка пропишана согласно чл.59 од Законот за градење, што е поткрепено и со соодветно вештачење, образложија од ОЈО Битола.

При инспекцискиот увид на терен Општината констатира дека: „При разгледувањето на документацијата утврдено е дека истиот има добиено решение од Министерство за земјоделие за приземен објект во основа од 66 м2 и висина до венец 2,80 метри и доставен геодетски елаборат со кој е извршена легализација на објектот со приземје, кат, поткровје и мансарда. За утврдување на фактичка состојба Општината изврши нарачка повторно мерење и изработка на геодетски елаборат според кој се утврди дека објектот има приземје, кат и поткровје и висина до венец од пристапен пат од 4,60 метри, додека од терен каде е поставен објектот се утврди висина до венец 5,40 метри“.

Инспекторот тогаш изјави дека за суспензијата од работа дознал од Фејсбук објавата на градоначалникот Коњановски и рече дека се работи за легализиран помошен објект на земјоделско земјиште. (А.Б.)