Промоција на романот „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова во превод на бугарски во Софија
Во македонскиот Културно-информативен центар во Софија утре од 18:30 часот ќе биде промовиран романот „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова, во превод на бугарски јазик, по повод 90-годишнината од раѓањето на нашата позната писателка за деца. Преводот е на Маријан Петров и го објави издавачката куќа „Изида“.
Оваа книга на Оливера Николова, која го тематизира хаосот и суровоста на Првата светска војна, кога еден човек губи сè – својата татковина, слободата и три прста од раката, ја доби наградата „Роман на годината“ за 2019 година.
-„Песот со тажен поглед“ е приказна за тоа како во најтемните времиња, искреноста и тагата може да нè научат на нови работи и да нè заштитат од лудилото на светот. Николова создала длабок и трогателен роман за преживување, човечки пад и неочекувано спасение, соопшти КИЦ Софија за книгата на Николова, за чие литературно дело на промоцијата ќе зборува Марина Мијаковска.
Откако станал воен заробеник на бојното поле во близина на Ниш, Австриецот Алберт Гас е фрлен во импровизираната „Болница на Британскиот црвен крст“ во Скопјe. Среде неподносливата смрдеа, стенкањето на ранетите и постојаните ампутации без анестезија, тој мора да најде начин да преживее – физички и психички. Во оваа ѓаволска дупка, судбината го среќава со д-р Ира Павловна Зошченко – мистериозен руски доктор со неверојатна интуиција, која во него гледа нешто повеќе од само уште еден парталав затвореник. Кога Алберт се соочува со сериозни обвиненија во логорот, меѓу нив двајца започнува сложена психолошка игра, во која се испреплетуваат лојалноста и тајните од минатото. Додека фронтот немилосрдно се движи кон југ, а лекарите од целиот свет се борат со недостигот на лекови и воената саботажа, единственото нешто што го одржува скршеното срце на Алберт е едно живо сеќавање. Сеќавањето на Ал – неговото верно куче со тажен поглед, оставено некаде покрај железничките пруги, коешто умее со својата кроткост да го бистри умот и да дава спасоносна јасност за смислата на животот.
-Оливера Николова (1936–2024) е меѓу најистакнатите и најпочитуваните авторки во современата македонска литература. Нејзиното дело зазема фундаментално место во културното наследство на регионот и вклучува симболични дела за деца, млади и возрасни во разни жанрови – романи, кратки раскази и пиеси. Додека нејзиниот детски роман „Зоки Поки“ одамна е признат како современ класик и се изучува во училиштата, нејзините фиктивни дела за возрасни („Адамовото ребро“, „Вежби за ибн Пајко“, „Кадифената покривка“) постојано ги освојуваат најпрестижните книжевни награди во земјата. Врвно достигнување во нејзиното доцно творештво е токму длабокиот роман „Кучето со тажен поглед“, кој ја доби најпрестижната македонска награда – „Роман на годината“ за 2019 година. За нејзиниот исклучителен придонес во современиот литературен израз, во 2024 година авторката беше одликувана и со државен Орден за заслуги во областа на културата, се наведува во соопштението.