Се крева планина од земја во центарот на Скопје

Ископана земја од други градилишта се носи на парцела која е во сопственост на државата. Нема табла да пишува за што се работи. Град Скопје е надлежен за тоа


И детското игралиште може да биде „проголтано“ за брзо време (Фото: Независен)

 

Стотина камиони досега истурија земја од некои градилишта во центарот на Кисела Вода во Скопје, постепено правејќи една цела вештачка планина. Земјата се истура и се разместува со багери покрај новопробиената улица „Есенинова“, за познатата зграда „Пегла“ и веднаш до зградите на поранешниот Тутунски комбинат. Земјата „продира“ и речиси ќе го „голтне“ и детското игралиште изградено пред некоја година. 

Планината се подига на парцела во сопственост на државата, која ја следи улицата „Елисие Поповски“. 

Камионите што ја истураат земјата креваат облаци прашини, а жители на околните згради реагираат дека таа прашина навлегува во нивните домови. Во близина се повеќе станбени згради.

Граѓаните реагираат на социјалните мрежи, поставуваат прашања до Општина Кисела Вода. На парцелата нема никаква табла за да им појасни на загрижените граѓани за што се работи. И кој и со чија дозвола ја крева оваа планина од црна земја.

Од Општина Кисела Вода, каде што ова се случува, велат дека „на посочената локација се изведуваат градежни активности поврзани со реализацијата на втората фаза од изградбата на булеварот ‘Македонија’“.

Тука нема да поминува булеварот, но парцелата е избрана за да се истура земја од некои други локации. 

Фото: Независен

„Проектот и градежните зафати на овој потег се во надлежност и изведба на Град Скопје, поради што за подетални информации околу динамиката на работите и начинот на нивното изведување Ве упатуваме да се обратите до нивните служби“, одговорија за „Независен“ од Општина Кисела Вода на прашањето кој истура земја и кој го дозволил тоа во центарот на Скопје.

Истите прашања ги поставивме и до Град Скопје, од каде до објавување на текстот нема одговор, а ќе го објавиме штом стигне. Додека стигне одговорот камионите уште трупаат земја само на таа државна парцела. Ако се работи на проектот за тој булевар „Македонија“ тогаш би требало да се истура земја и на околниот простор каде што се паркираат стотици и стотици автомобили секој ден.

Изградбата на булеварот „Македонија“, кој е дел од поголемиот проект за поврзување на подземната сообраќајница под „Лимак“, започна во февруари годинава и досега е завршена првата фаза, која донесе измени во сообрајќајниот режим кај Рампа.

Според документацијата за изградбата, втората фаза ќе се реализира врз база на Основниот проект за булевар „Македонија“, потег од крстосница со улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“ со крстосница со улица „11 Октомври“ и булевар „Борис Трајковски“ – Фаза 2, од крстосница со булевар „Кочо Рацин“ и улица „Павел Шатев“, проектиран од Друштво за инженеринг и консалтинг „Чакар-партнерс“ од Скопје.

Изградбата на овој дел од поголемиот проект предизвикува револт кај граѓаните затоа што сметаат дека не се внимава за влијаните кое проектот го има врз секојдневниот живот на граѓаните кои гравитираат таму, како и дека нарушена е безбедноста за пристап до домовите, а сега и со загадување на околината.

Земјата се „лизга“ кон детското игралиште (Фото: Независен)
Земјата може наскоро да ја покрие и улицата „Есенинова“ (Фото: Независен)

Реагираат и жителите на улицата „Антон Панов“

Жителите и сопствениците на деловните простории во станбено-деловниот комплекс на улица „Антон Попов“ бр. 1, реагираат во врска со реализацијата на проектот „Булевар Македонија – фаза 2“.

Во своето обраќање до медиумите, пред извесно време тие рекоа дека не се против изградбата на булеварот, ниту против развојот на Скопје, но нивната загриженост произлегува од конкретни решенија предвидени во проектот, кои непосредно влијаат врз секојдневниот живот и безбедноста на жителите.

„Станува збор за новопланирана улица која поминува на само неколку метри од нашиот станбен комплекс, како и за огромниот отворен пристап кон подземната сообраќајница од страната на Кисела Вода. Сметаме дека овие решенија заслужуваат сериозно преиспитување, особено од аспект на безбедноста, влијанието врз објектот, животната средина и квалитетот на живеење. Особено загрижува фактот што пристапот кон подземната сообраќајница не е решен на ист начин од двете страни. Додека од страната на Центар е предвиден влез и излез со по една сообраќајна лента, од страната на Кисела Вода е предвиден широк и долг отворен пристап. Во комплексот живеат 800 граѓани, меѓу кои деца и повозрасни лица, а во него функционираат и деловни простории. За нас ова не е само инфраструктурен проект на хартија, туку прашање за нашите домови, нашата безбедност и иднината на просторот во кој живееме“, образлагаа тие.

Бараа да се разгледаат можностите за бришење на новопланираната улица непосредно до станбениот комплекс, да се покрие отворениот пристап кон подземната сообраќајница од страната на Кисела Вода, со соодветно конструктивно решение и бетонско плато, за да направи независна стручна анализа на влијанието на предвидените градежни решенија врз безбедноста на станбениот објект, како и да се обезбеди соодветен, безбеден и функционален пристап до комплексот.  (Б.Б.)