Иран бара 290 милијарди долари отштета од САД
Техеран- Иранските судови побараа САД да платат 290 милијарди долари отштета, изјави денес Хасан Абдолијанпур, раководител на Правниот центар за адвокати со седиште во Техеран.
„Домашните судови издадоа пресуди со кои им наредуваат на Американците да платат 290 милијарди долари отштета“, рече Абдолијанпур, според иранскиот портал Ентехаб.
Тој додаде дека неколку бродови што им припаѓаат на САД, а кои неодамна беа запленети, ќе бидат дел од отштета.
Тој рече дека се поднесени и неколку тужби против земјите од Арапскиот Залив за „дозволување на Америка да ја користи нивната територија за да изврши напади врз Иран“.
„Покренавме тужба против Јордан и други арапски земји за отштета. Овие земји мора да бидат одговорни за тоа што им ја дале својата територија на САД за да го нападнат Иран“, рече Абдолијанпур.
Според државната телевизија, компензацијата се однесува на американските дејствија што датираат од пред неколку децении, долго пред почетокот на сегашната војна на 28 февруари.
Претседателот на Комитетот за национална безбедност и надворешна политика на иранскиот Меџлис (еднодомен парламент), Ебрахим Азизи, денес исто така изјави дека САД нема да можат да го напуштат регионот без компензација за штетата предизвикана на Иран.
Според него, Иран денес има моќ да ги натера САД и Израел да се покаат за своите постапки, а доколку повторно погрешно пресметаат, процесот на нивно уништување и бегство од регионот ќе биде забрзан.