МВР: По 18 години застој, воспоставуваме континуиран систем на тактичка обука за полициските службеници од редовниот состав


Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска изврши увид во реализацијата на седумдневната интензивна тактичка обука на втората група од 87 полициски службеници од осумте сектори за внатрешни работи, наменета за справување со нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем.

-По 18 години застој, повторно воспоставуваме континуиран систем на тактичка обука за полициските службеници од редовниот состав, информираа попладнево од Министерството за внатрешни работи.

Обуката се реализира под раководство на инструкторите од Одделот за специјални полициски операции и од МВР нагласија дека претставува значаен чекор кон унапредување на оперативната подготвеност, професионалноста и ефикасноста на полицијата.

Во објавата на Фејсбук-страницата на Министерството, особено се истакнува професионалноста, дисциплината, посветеноста и мотивираноста на полициските службеници, кои покажале дека со соодветна обука и континуирано вложување, може значително да се унапреди оперативната подготвеност.

Ова е само почеток, вели тој, и се продолжува со обука на сите полициски службеници од редовниот состав, надополнета со нови тактички содржини, современа опрема и технологии.

– Нашата цел е јасна: професионална, ефикасна и подготвена полиција, способна да одговори на сите безбедносни предизвици и да биде сигурен партнер на граѓаните. Безбедноста се гради со знаење, дисциплина, професионалност и интегритет. Инвестираме во луѓето. Ги јакнеме капацитетите. Ја унапредуваме безбедноста – се истакнува во објавата на МВР.