Мицкоски: Најголемата победа на општеството е секое дете да добие можност да победи во животот
Ниедно дете не смее да биде заборавено. Ниеден детски сон не смее да биде однапред изгубен. И ниедна животна судбина не смее да остане без шанса. Затоа што иднината не почнува со големите зборови и ветувања. Таа почнува со малите детски чекори, со подадената рака, со стекнатата самодоверба и со вербата дека утрешниот ден може да биде подобар. И токму затоа најголемата победа на едно општество е кога секое негово дете ќе добие можност да победи во сопствениот живот – порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на одбележувањето 80 години од постоењето на ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
Грижата за децата без родители и без родителска грижа, нагласи претседателот на Владата, не е само прашање на социјална политика, туку и прашање на нашата човечка и национална одговорност.
– Нашата цел е да градиме систем што нема само да ги заштитува децата, туку ќе ги охрабрува да ги развиваат своите способности, да стекнуваат знаења и вештини и да станат самостојни, успешни и рамноправни членови на општеството – истакна Мицкоски.
Особено внимание, според премиерот, мора да се посвети на преминот од згрижувањето кон самостојниот живот.
– Затоа што вистинскиот успех на системот не се мери само со грижата што ја обезбедуваме денес, туку и со можностите што ги отвораме за утре. Образованието, професионалното оспособување, вработувањето и социјалната интеграција мора да бидат дел од еден поврзан и одржлив пристап. Тоа е насоката во која треба да се развива нашиот систем на социјална заштита. Систем што ќе препознава потенцијал наместо ограничување и кој на секое дете ќе му даде можност да успее – рече Мицкоски.
Во таа мисија, нагласи, неизмерно значење имаат и вработените во Детскиот дом „11 Октомври“ изразувајќи им благодарност за професионалноста и посветеноста.
– Вашата работа бара многу повеќе од стручност. Таа бара трпение, разбирање, човечност и секојдневна подготвеност да бидете потпора од најважните моменти од детскиот раст. Можеби резултатите од таа работа не се секогаш видливи во јавноста, но тие остануваат трајно запишани во животите на луѓето на кои сте им помогнале. И тоа е најголемото признание што една професија може да го добие – истакна Мицкоски.
Во Детскиот дом „11 Октомври“ во Скопје, осум децении, генерации деца пронашле сигурност, поддршка и можност да изградат подобар живот.
– Зад сето тоа стои една голема човечка мисија: ниедно дете да не биде оставено само пред предизвиците на животот. Денеска, одбележуваме значаен јубилеј, со кој истовремено ја потврдуваме и нашата заедничка одговорност кон оние на кои најмногу им е потребна поддршка. Затоа што силата на една држава не се мери само преку економските резултати, изградените патишта или големите инвестиции. Нејзината вистинска сила се препознава и во начинот на кој се грижи за најранливите, во солидарноста што ја покажува и во можностите што ги создава за секој свој граѓанин. А грижата за децата е највозвишениот израз на таа одговорност – истакна Мицкоски.
Според него, ниедно дете не ги избира околностите во кои ќе се роди, ниту предизвиците со кои ќе се соочи.
– Но, секое дете има право на достоинствено детство, на образование, на љубов и на можност да ги оствари своите соништа. Токму затоа постојат институциите и токму затоа државата има обврска да обезбеди услови во кои животните околности нема да ја предодредуваат иднината на детето. Во изминатите осум децении Детскиот дом „11 Октомври“ бил многу повеќе од установа за згрижување. Тој бил место во кое се градела доверба, се надминувале животни тешкотии и се создавале нови почетоци – рече премиерот.
Денеска, додаде Мицкоски, во современите форми на згрижување, во станбените единици и со поддршката на згрижувачките семејства, оваа институција продолжува да ја развива својата мисија ставајќи ги во центарот индивидуалните потреби, достоинството и благосостојбата на секое дете.
– И тоа е суштината на современата социјална заштита. Да не гледаме само на обезбедувањето сместување и оснивна грижа, туку на создавање вистинска семејна атмосфера, на емоционалната сигурност, образованието, личниот развој и подготовката за самостоен живот – истакна Мицкоски.
Тој изрази благодарност и до згрижувачките семејства, кои со својата хуманост покажуваат дека семејството не го создаваат само крвните врски, туку и љубовта, пожртвуваноста и чувството на припадност.
– Вие сте доказ дека големите човечки дела често се случуваат далеку од очите на јавноста, во секојдневните разговори, во грижата за училишните обврски, во охрабрувањето по неуспехот и во радоста за секој детски успех. Вашата улога е незаменлива, а нашата обврска како институции е да ви обезбедиме поддршка, стручна помош и услови во кои ќе можете успешно да ја исполнувате оваа благородна мисија – истакна Мицкоски.
Цитирајќи го Нелсон Мандела дека „не постои појасен одраз на душата на едно општество од начинот на кој тоа се однесува кон своите деца“, истакна дека во таа мисла се содржи најголемата работа на Владата, а тоа е „ да изградиме Македонија во која секое дете ќе има можност да расте без страв од иднината, да се образова, да напредува и да го пронајде своето место во општеството“.
– Секое дете во себе носи неисцрпен потенцијал, а меѓу децата за кои денес се грижиме се идните лекари, наставници, инженери, уметници и луѓе што утре ќе ја градат нашата држава. Задача на државата е да им ги отвориме вратите кон таа иднина – порача премиерот Мицкоски.