Украинците погодија драгоцена руска рафинерија која е на 1.500 километри од границата


Рафинеријата во Перм во облаци од чад

 

Во украински напад со дронови во понеделникот, избувна пожар во една од најголемите руски рафинерии за нафта, која се наоѓа во градот Перм, на повеќе од 1.500 километри од украинската граница. Во нападот, едно лице е убиено, а две се повредени, соопшти гувернерот на Пермската област, Дмитриј Махонин.

Цел на нападот беше рафинеријата „Лукоил-Пермнефтеоргсинтез“, една од технолошки најнапредните во Русија, која може да преработува повеќе од 13 милиони тони сурова нафта годишно. Произведува бензин, дизел и авијациско гориво, поради што игра важна улога во снабдувањето на рускиот пазар, пишува „Киев пост“.

Руските власти не потврдија веднаш кои објекти се погодени, но независниот руски медиум „Астра“ објави снимки и фотографии на кои се гледаат повеќе пожари во областа на рафинеријата на „Лукоил“. Според достапните информации, пожарот избувнал во делот од фабриката каде што се наоѓаат клучните уреди за преработка на нафта.

Гувернерот Махоњин прво објави дека нема жртви во нападот, но подоцна ја потврди смртта на едно лице и повредата на уште две други. Тој додаде дека неколку индустриски објекти во регионот биле оштетени, но не прецизираше за кои објекти станува збор.

Според неговите тврдења, руската воздушна одбрана соборила 56 украински дронови над Пермската област.

Ова не е прв украински напад врз рафинеријата во Перм. Последниот е регистриран на 25 септември, кога украински дронови ја погодија рафинеријата „Новошахтинск“ во Ростовската област и објект на одбранбената индустрија во Уљановск.

Рафинеријата во Перм беше нападната и на 21 август, кога избувна пожар и наводно беше оштетена една од главните единици за преработка на нафта. Напади врз истиот објект беа регистрирани и во текот на април, мај и јули.

Според извештајот на Ројтерс од 18 ноември, нападите со украински беспилотни летала го нарушиле или запреле работењето на 15 големи руски рафинерии. Извори од нафтената индустрија проценуваат дека преработката на сурова нафта се намалила за околу 45 проценти од крајот на октомври.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) претходно предупреди дека руската рафинерија на нафта паднала на најниско ниво за повеќе од 20 години во јуни. Производството на бензин се намалило за околу 20 проценти во споредба со 2025 година, додека производството на дизел се намалило за речиси 30 проценти.