Свршеничкиот прстен на преживеана од „Титаник“ продаден на аукција за 150.000 фунти
Дијамантски прстен, кој ѝ припаѓал на една од најпознатите преживеани од потонувањето на „Титаник“, беше продаден на аукција за 150.000 фунти.
Луси, леди Даф Гордон, го носела овој прстен со еден дијамант кога прекуокеанскиот брод потонал на 15 април 1912 година, за време на своето прво патување – трагедија во која животот го загубиле околу 1.500 луѓе.
Тоа бил единствениот значаен накит што таа го поседувала, а кој не завршил на дното на морето заедно со бродот. Во семејството бил познат како „Прстенот од Титаник“ и се верува дека тоа бил нејзиниот свршенички прстен.
Прстенот беше понуден на аукција во куќата „Хенри Олдриџ и син“ (Henry Aldridge & Son) во Девајзис, Вилтшир, во саботата, а го продаде нејзин директен потомок. Постигнатата цена далеку ги надмина очекувањата, бидејќи се проценуваше дека прстенот ќе достигне вредност до 80.000 фунти.
„Исклучително ретко се случува накит поврзан со преживеан од ’Титаник‘ да се појави на пазарот, а речиси е без преседан ваков личен предмет, кој му припаѓал на толку истакнат патник, да се продаде на аукција од страна на директен потомок“, изјави Ендру Олдриџ од „Хенри Олдриџ и син“.
Прстенот му бил даден на внукот на леди Даф Гордон, Џон – третиот гроф од Халсбери, кој бил британски благородник (независен член на Горниот дом) и научник.
По неговата смрт, прстенот останал во семејството и оттогаш се чувал како драгоценост.
Леди Даф Гордон патувала за САД во 1912 година со својот сопруг, сер Космо, како патници во прва класа на „Титаник“.
Семејството Даф Гордон и нивната секретарка, Лора Мејбел Франкатели, се спасиле од потонувањето во чамецот за спасување број 1.
Иако чамецот бил предвиден за 40 лица, во него имало само 12 луѓе, од кои седуммина биле членови на екипажот.
На бродот „Карпатија“ (RMS Carpathia) – бродот на компанијата „Кунард“ што ги спасил преживеаните од „Титаник“ – сер Космо му дал на секој од мажите од чамецот број 1 чек на износ од 5 фунти.
Ова било направено за да им се помогне, откако компанијата „Вајт стар лајн“ (White Star Line) престанала да им исплаќа плата по потонувањето на „Титаник“. Ова доведе до гласини дека брачниот пар Даф Гордон го потплатиле екипажот на нивниот чамец за спасување за да не се вратат и да ги спасат луѓето во водата, од страв дека чамецот ќе се преполни и ќе потоне.
Други предмети поврзани со „Титаник“
На истата аукција, еден уникатен билет за посета на „Титаник“ на денот на неговото испловување од Саутемптон беше продаден за 40.000 фунти.
Билетот ѝ овозможил на мајката на еден патник од втора класа да го набљудува заминувањето на бродот. На картичката стои знамето на компанијата „Вајт Стар“ (White Star) и е упатена до одговорниот офицер.
На неа пишува: „Ве молам, дозволете му на г. Талбот и на неговите 2 пријатели да го разгледаат С.С. Титаник“.
На неа има печат „втора класа“ и датум 10 април 1912 година. На задната страна има рачно напишана белешка: „Г-ѓа Дибден плус две сестри“.
Елајза Дибден, мајката на 18-годишниот Вилијам Дибден од Њу Форест, Хемпшир, го носела овој билет на „Титаник“. Нејзиниот син загинал во катастрофата.
Заедно со билетот, понудена е и потврдата за прва причест на нејзиниот син, со датум Велигден 1908 година.
На аукцијата се најде и разгледница напишана од главниот радио-оператор на „Титаник“ додека бродот бил закотвен во Саутемптон; таа беше продадена за 32.000 фунти.
Разгледницата, на чија предна страна има фотографија од „Титаник“, ја напишал 25-годишниот Џек Филипс и ја испратил до својата сестра Елси Филипс на 6 април 1912 година.
Филипс, кого аукционерот Ендру Олдриџ го опиша како „еден од вистинските херои на катастрофата“, испраќал радио-пораки до други бродови, повикувајќи ги да помогнат во спасувањето на патниците и екипажот додека „Титаник“ тонел.
На разгледницата, која е адресирана до госпоѓица Елси Филипс од Годалминг, Сари, има фотографија од „Титаник“ во Саутемптон.
Во неа пишува: „Ти благодарам многу за писмото. Времето е прекрасно, вчера бев во Каус. Ќе пишам подоцна, пред да испловиме“. (Индипендент)