Кандидат за наставник бил исклучен од конкурс за вработување затоа што не можел да ја извади венчалната бурма
Кандидат за работа како наставник во државно училиште во бразилската сојузна држава Сеара, бил исклучен од конкурсот за вработување бидејќи не успеал да ја извади венчалната бурма, чие носење било забрането според правилникот за полагање на испитот.
„Педесет и едногодишниот професор по хемија Ричард Синтра, кој имал околу 30 години работно искуство, ниту по неколкуте обиди не успеал да го извади прстенот, и покрај користењето плунка, маргарин и детергент“, пренесе бразилската телевизија Г1.
Инцидентот се случил вчера во училиштето „Професор Мореира де Соуза“, во Жуазеиро до Норте, каде што требало да ја полага првата фаза од конкурсот за вработување наставници.
– Членовите на тимот се обидоа да ми помогнат да ја отстранам бурмата, но прстот ми беше отечен поради што нејзиното вадење стана невозможно, изјавил Синтра.
По неуспешните обиди, се обратил до конкурсната комисија од каде што му било соопштено дека не може да го полага испитот поради нормите за забрана на носење било какви метали како прстени, алки, обетки и пирсинг.
– Едноставно го напуштив училиштето и ја изгубив можноста да учествувам на конкурсот само затоа што не можев да ја извадам бурмата, изјавил Синтра.
Конкурсот за наставници во државните училишта во Сеара предвидува вработување на 2.000 наставници, како и уште 1.000 места на резервната листа. Почетната месечна плата изнесува 7.181,41 бразилски реал (околу 1.100 евра).
– Во брак сум веќе 28 години, и дека досега сум немал никакви проблеми со носењето на бурмата при полагање други испити, изјавил Синтра, истакнувајќи дека за забраната дознал откако пристигнал таму.
И покрај забраната, наставникот нема да поднесе жалба против училиштето во Сеара.