Во ЕУ доживотно образование посетуваат 47 отсто, кај нас само 25 проценти
Со доедукација, доквалификација и преквалификација невработените полесно ќе можат да најдат работа и да се вклучат на пазарот на трудот, истакна денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, посочувајќи дека доживотното учење е важна можност за професионален развој и стекнување нови вештини.
Таа, пред почетокот на конференцијата „Образованието на возрасните и доживотното учење – инвестиција во луѓето и иднината“, во организација на ЈУ Центар за образование на возрасни, информира дека во Европската Унија 47 проценти од населението посетува некаков вид образование, додека кај нас тој процент изнесува 25.
– Оттука ние пред две години преземавме силна акција, донесовме законско решение, го зајакнавме центарот за образование на возрасни, ги поедноставивме процедурите за луѓето коишто ќе посетуваат вакви типови на едукација, реквалификација, квалификација, какви било обуки, полесно да се стекнат со признаен сертификат за да можат да влезат на пазарот на труд, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Одговарајќи на прашање какви видови обуки им се достапни на граѓаните, Јаневска појасни дека тие можат да го дооформат образованието, да се стекнат со дополнителни квалификации или целосно да ја променат професијата.
– Имаат разни видови на обуки, прво можат да дооформат образование што го немале или не го завршиле. Потоа можат да побараат некаков вид на доквалификација или реквалификација, од една струка да поминат во друга струка. Она што е важно, ние почнавме и со такви активности и во поправните домови и во затворите, што досега не беше случај. Значи активности имаме, но треба и промоција за луѓето да знаат кои им се можностите и денеска токму тоа и го правиме, рече министерката.
Во обраќањето на конференцијата, пак Јаневска нагласи дека образованието не завршува со стекнувањето одреден степен на формално образование, туку учењето е процес што трае во текот на целиот живот.
– Образованието не е процес што завршува со завршувањето на одреден степен на формално образование. Напротив, учењето е процес што трае во текот на целиот живот. Намерно или спонтано, секојдневно стекнуваме нови информации, знаења и вештини што нè прават покомпетентни, ни отвораат нови можности и ни помагаат подобро да одговориме на предизвиците во професионалниот и личниот живот. Токму затоа, сметам дека една од нашите важни општествени задачи е постојано да ја подигнуваме свеста за значењето на доживотното учење и да градиме култура во која надградувањето на знаењата и стекнувањето нови вештини ќе бидат прифатени како природен и неопходен дел од животот на секој човек – рече Јаневска.

Таа кажа дека прва и клучна цел била донесување нов закон за образование на возрасните.
– Тоа го реализиравме. Поставивме основа за модерен систем што ги препознава потребите на возрасните и им овозможува контиунирано образование. Со новата законска основа добивме и посилна клучна институција – Центарот за образование на возрасните. Го поедноставивме процесот на валидација на неформалното и информалното учење, односно процесот на признавање на стекнатите знаења, вештини и компетенции и тие да се претвораат во формално признати – рече Јаневска.
Унапреден е и системот на формално основно образование за возрасни, давајќи им можност на оние кои поради какви било причини во минатото им останал незавршен овој процес или воопшто не го отпочнале. Како што рече министерката – образованието не смее да биде привилегија достапна само во одреден период од животот. Тоа мора да биде право и можност за секого, беше нагласено, без оглед на возраста и животните околности.
– Со реформата што ја спроведовме, олеснет е пристапот до обуки, преквалификација и доквалификација, со што на луѓето им овозможуваме не само да останат активни на пазарот на трудот, туку и да напредуваат, да менуваат професионални насоки и да се справуваат со новите предизвици, додаде Јаневска, потенцирајќи дека промените во системот на неформално образование се нотирани и во Извештајот на Европската Унија за напредокот на земјата во 2026 година.
Министерката изрази благодарност до сите институции и установи – креатори на политики и правни норми, работодавачи, стопански комори, даватели на образовни услуги и организации вклучени во процесите на препознавање и валидирање на стекнатите компетенции, што придонесуваат за поквалитетно и поинклузивно образование на возрасните.
– Верувам дека нашата соработка ќе се издигне на уште повисоко ниво. Имаме стратегија, долгорочен план за одржливост и натамошен развој на системот на образование на возрасните. Важно е доследно да ги спроведуваме зацртаните политики, да ги зајакнуваме институционалните капацитети и да создаваме уште повеќе можности за секој граѓанин да учи, да се развива и да напредува – рече Јаневска.
Беше кажано дека институционалните заложби за поголема промоција на можностите за доживотно учење се насочени кон достигнување на европскиот просек од 47 проценти вклученост на населението на возраст од 25 до 64 години, во различни типови образование. Сегашниот кај нас изнесувал 25 отсто.

Директорката на Центарот за образование на возрасни, Наиме Ислаими Зеќири, рече дека темата на денешната конференција не е избрана случајно.
– Образованието на возрасните е инвестиција што се исплатува. Според стратегијата за образование на возрасните 2025-2030, истражувањата покажуваат дека секое вложено евро честопати носи трајна корист за економијата и општеството и нуди можност на граѓаните за полесно вработување, повисоки примања и активно вклучување на пазарот на труд – истакна директорката пред присутните.
Таа додаде дека досега се акредитирани седум регионални центри за стручно образование и обука. Во Куманово, Тетово, Охрид, Велес, Струмица, Битола, Штип, за вкупно 57 квалификации.