Известувачка на ОН: Газа е гробишта на меѓународното право


Специјалната известувачка на Обединетите нации за состојбата со човековите права на окупираните палестински територии, Франческа Албанезе, оцени дека во Газа не може да се зборува за вистински прекин на огнот, бидејќи израелските напади, разурнувањата и страдањето на Палестинците не престанале ниту по договорот за примирје.

– Никогаш немало прекин на огнот во Газа. Тоа е фикција осмислена за да ја смири совеста на некои луѓе, особено на Запад, и да им овозможи на политичарите да ја запрат солидарноста и да го смират гневот на граѓаните кои протестираат против геноцидот – изјави Албанезе во интервју за шпанската јавна телевизија ТВЕ.

Италијанската правничка за време на викендот учествуваше во Мадрид на меѓународната конференција „Европа за Палестина – кон правда и одговорност“.

Таа предупреди дека од стапувањето во сила на договорот за прекин на огнот на 10 октомври 2025 година, во израелски напади се убиени повеќе од 1.600 Палестинци. Таа рече дека Израел продолжува да го уништува она што веќе е разурнато во Појасот Газа, но и да спроведува насилство низ окупираните палестински територии.

– Продолжуваат да убиваат Палестинци, да го бришат нивното постоење и да ги уништуваат нивните домови. Ситуацијата е многу сериозна. Тажно ми е и срамно да гледам како европската политичка класа се поставува кон ова. Газа е гробишта на меѓународното право, благодарение на неморалното политичко раководство што го имаме – рече Албанезе.

Според податоците на Обединетите нации, израелската воена офанзива во Газа однела повеќе од 74.700 палестински животи, додека оштетени или уништени се 82 проценти од објектите во енклавата.

Хуманитарната ситуација дополнително е влошена од дождовите, кои овој месец поплавија илјадници импровизирани засолништа во кои престојува раселеното население. Околу 1,4 милиони Палестинци се уште живеат во шатори и привремени засолништа, додека израелските ограничувања за влез на градежен материјал и тешка механизација го отежнуваат отстранувањето на урнатините и обновата.

Албанезе предупреди и на влошување на безбедносната ситуација на Западниот Брег, каде што Обединетите нации во текот на октомври регистрирале 457 напади на израелски доселеници со последици за палестинското население и имот. Станува збор за најголем месечен број такви инциденти во изминатите 20 години, откако ОН води евиденција.

Говорејќи за постапката пред Меѓународниот суд на правдата, Албанезе оцени дека одлуката во предметот што се однесува на геноцидот врз припадниците на Рохинџите во Мјанмар е важен правен преседан, но нагласи дека Палестинците не можат да ја чекаат конечната судска пресуда за државите да преземат мерки.

– Сите држави имаат обврска да спречат и да запрат геноцид. Далеку сме од она што требаше да биде сторено. Одговорноста за правдата во Палестина почнува овде, во нашите земји – рече таа.

Таа ги критикуваше европските влади поради, како што наведе, недоволното политичко дејствување, истакнувајќи ја одговорноста на државите кои на Израел му испорачуваат оружје и на други начини ја поддржуваат неговата политика.

Говорејќи за Шпанија, Албанезе го пофали ставот на владата и граѓаните, оценувајќи дека таа земја покажала политичко лидерство во Европа кога станува збор за палестинското прашање.

– Шпанија е на чело на Европа и, како Европејка, стравувам дека би можеле да го изгубиме тој извор на сила и надеж – кажа Албанезе.

Таа зборуваше и за американските санкции што ѝ се воведени, вклучувајќи забрана за влез во САД, блокада на имотот и банкарските сметки и ограничувања на финансиските трансакции и користењето услуги на американски компании. Наведе дека санкциите, заканите и нападите ја погодиле неа и нејзиното семејство, но истакна дека нивните последици не можат да се споредат со секојдневното страдање на палестинското население.

На крајот ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел за да ја прекине окупацијата и кршењето на меѓународното право.

– Потребно е да се стави крај на окупацијата и незаконското присуство на Израел на окупираните територии и да се изведат пред лицето на правдата одговорните за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид – порача Албанезе.