Најмалку 12 лица загинаа во руски напади со дронови врз киевскиот регион
Најмалку 12 луѓе загинаа во руски напади врз киевскиот регион, од кои деветмина при делумно уривање на станбена зграда, соопштија денеска локалните власти.
Русија во последните шест месеци ги интензивираше нападите врз украинскиот главен град, а многумина стравуваат дека претстојната зима би можела да биде најтешка од почетокот на војната пред речиси пет години.
Во текот на ноќта меѓу саботата и неделата, во напад врз местото Димер, кое се наоѓа околу 45 километри северно од Киев, беше погодена петкатница, при што загинаа најмалку девет лица.
Бројот на загинати во текот на ноќта постојано растеше и до раните утрински часови денеска достигна девет, изјави гувернерот на Киевската област Тимур Ткаченко. Тој на Телеграм наведе дека потрагата по евентуални дополнителни жртви сè уште трае.
Спасувачките тимови успеаја од урнатините живи да извлечат дете и 79-годишна жена, додаде Ткаченко.
Во Вишневе загинаа уште две лица, а осум се повредени, кога руски дрон погоди супермаркет, информира регионалниот гувернер.
Уште едно лице загина откако по напад избувна пожар во приватна куќа во Била Церква, додаде тој.
Во текот на ноќта меѓу петокот и саботата, Москва ја нападна Украина со дронови и проектили, при што загинаа 11 луѓе – од кои седуммина во главниот град. Тоа се случи откако рускиот претседател Владимир Путин вети „болна“ одмазда за Украина поради нејзините неодамнешни напади врз Кримскиот мост.
„Светот мора да престане да ја врти главата. Осудете го овој тероризам, повикајте ја Русија на одговорност и дејствувајте веднаш за да го запрете колежот на невини Украинци“, напиша на Х украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец.