Мицкоски најави 20 проценти поголеми услуги за младите
Што ќе си помисли млад човек кога ќе го види политичкиот спектар исполнет со повици за линчови, за сеење омраза, лепење етикети, се чудеше Мицкоски
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, најави три клучни мерки за младите на конференцијата на Унијата на млади сили, меѓу кои 20 проценти поголеми услуги за студентите и младите, не само за студентскиот оброк, туку и за многу други услуги преку апликацијата М-услуги.
– За таа цел, разработуваме, заедно со Генералниот секретаријат, заедно со Министерството за образование, Министерството за финансии, Министерството за дигитална трансформација, апликација преку М-услуги концептот, секој студент да не добие усогласување со она што се вели инфлација, трошоци за живот, зголемување на оброкот, туку да добие најмалку 20 проценти поголеми услуги, не за топлиот оброк, туку за многу други услуги што ќе ги има користејќи ја апликацијата М-услуги – рече Мицкоски.
Тој истакна дека тоа е нешто што го немаат ниту студентите во Европската Унија, а тоа ќе го имаат студентите овде, во нашата Македонија.
– И кога ќе заврши буџетот за тој месец, да продолжат со користење на оваа апликација, да имаат дополнителни услуги кои ќе ги користат до крајот на месецот, до почетокот на следниот месец – рече премиерот.
Мицкоски ги сумираше трите проекти за младите – првиот, стан со најмалку 20 проценти попуст од пазарната цена, вториот – нула комуналии за куќа за брачна двојка до 35 години, и сето ова преку закон и третиот М-услуги привилегии за студентите и за младите луѓе – најмалку 20 проценти.
Мицкоски кажа дека овие мерки за младите ќе ги решат најважните нивни прашања – а тоа се егзистенцијата и домувањето, нагласувајќи дека нивната борба е со проекти и дела.
Тој зборуваше и за Унијата на млади сили што ја оцени како расадник на нови идеи, знаење и идни лидери, генерација која треба да ја продолжи борбата за посилна и поуспешна Македонија.
-Верувам дека големината на една генерација не се мери според тоа колку лесно време наследила, туку според тоа колку подобро време оставила зад себе. Сакам нашето наследство да биде Македонија во која младите ќе имаат причина да останат, да создаваат, да работат и да успеваат, порача премиерот.
Тој се осврна и на насилството врз жените.
-Сакам јасно да порачам дека во борбата против насилството врз жените имаме целосна поддршка за секој што бара безбедно и праведно општество. Насилството не смее да има политичка боја, ниту да биде предмет на партиски пресметки. Потребни се превенција, силен институционален одговор и заедничка општествена одговорност.Навистина сум шокиран од низата случаи на насилство врз жените, кои секако мора да бидат проследени со институционален одговор. И тоа не само од Министерството за внатрешни работи (МВР), туку и од оние превентивни превентивни механизми, кои не смеат да дозволат да стигнат работите до тој степени, но и со соодветен одговор од обвинителските и судските инстанци, рече Мицкоски.
Тој се огради од тоа дека насилството почнало откако е оваа влада.
-Го следев последниот протест на младите организиран против насилството врз жените пред Владата. Ја разбирам и прифаќам нивната бунтовност, нивните ставови и пораки. На тие млади што протестираа, сакам да им порачам дека во мене можете да гледате соговорник и соработник во борбата да се спротивставиме на насилството, за кое мораме да бидеме реални и објективно да кажеме дека не почна пред две години или започна со оваа Влада и дека најмалку во тие случаи треба да има политика или партиска припадност, па колку и да и сакаат одредени кругови од опозицијата да најдат свој интерес за политиканство и игра со човечки судбини, па дури и на овие теми“.
Според него, како општество мораме да погледнеме подлабоко на проблемите и да кажеме дека таквите случаи на декаденција се случуваат со децении и се последица на разорениот систем, губењето на моралот, губењето на принципите и семејните вредности, но и поради ниското ниво на општествена, па и политичка култура.
-Што ќе си помисли млад човек кога ќе го види политичкиот спектар исполнет со повици за линчови, за сеење омраза, лепење етикети, секојдневно блуење невистини, фрлање кал. Како пример се дава кога се сака да се вметне недоверба и кога сето тоа се прави од личности кои се компромитирани, девалвирани со афери, неми послушници на нивните газди кои преку нив самите делуваат не затоа што ја сакаат татковина, туку затоа што така се бранат себеси и своите милиони“, додаде премиерот.
Повика на општествена дебата за овие прашања, а младите ги покани да се вклучат во разговорите за предложените законски измени за поефикасна заштита од семејно насилство.Според него, решенијата треба да се бараат преку дијалог, а случаите на насилство да не бидат предмет на партиски препукување.
„Мораме да започнеме општествена дебата за овие длабоки теми, а младите кои сакаат да се вклучат, добредојдени се и во дебатата за предлог-законските измени за поефикасна заштита од семејно насилство. Вистинските решенија се решаваат со дијалог и на маса“,додаде тој.