Заканувачко писмо во канцеларијата на Сиљановска
Писмо со заканувачка содржина било пронајдено во Народната канцеларија на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во центарот на Скопје. Во врска со случајот полицијата привела 46-годишен маж со иницијали В.К., а Министерството за внатрешни работи најавува поднесување кривична пријава.
Писмото го пронашле вработените во канцеларијата на улицата „Димитрија Чуповски“ на 18 ноември, по што случајот бил пријавен во СВР Скопје истиот ден во 9:50 часот.
„Во врска со настанот лишен од слобода е В.К.(46) и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“, соопштија од МВР.
Според дополнителните објавени информации, мажот бил лоциран преку снимки од видеонадзор и пронајден набргу по настанот. Сепак, начинот на неговото идентификување не е потврден во официјалната изјава на Министерството.
Засега не е откриена содржината на писмото, ниту кому конкретно биле упатени заканите. Не е потврдено дали тие биле насочени лично кон претседателката Сиљановска-Давкова, а МВР сè уште не прецизирало за кое кривично дело ќе биде поднесена пријавата.