За светот поддржувач на агресија, за МПЦ „мудрост“ однесувањето на рускиот патријархZa svetot poddr[ka za agresija, za MPC @mudrost# odnesuvaweto na Kiril
Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ја истакна „духовната мудрост“ со која патријархот Кирил ја предводи Руската православна црква. Во писмото по повод 80. роденден на Кирил, кое го објави Московската патријаршија, г.г. Стефан му оддава признание на рускиот патријарх за неговата служба во време на тешки предизвици. Во честитката не се споменува војната во Украина, за која Кирил јавно ја поддржа политиката на рускиот претседател Владимир Путин.
„Во Вашето одговорно првосветителско служење на чело на Руската православна црква во целост се откриваат Вашата духовна мудрост и татковска грижа“, му напиша г.г. Стефан на Кирил. Македонскиот архиепископ му посакува уште многу години на чело на Руската православна црква, за нејзино добро и за доброто на целото православие.
Честитките од г.г. Стефан лично му ги пренеле дебарско-кичевскиот митрополит Георгиј и хераклејскиот епископ Климент. Кирил ги примил вчера, на 21 ноември, во Даниловскиот манастир во Москва. Според соопштението на Московската патријаршија, тој им рекол дека средбата за него е посебна поради својството во кое овој пат дошле македонските архијереи.
„Првпат присуствувате како делегати на Македонската црква – помесна црква која доби законска автокефалност“, им рекол Кирил. Митрополитот Георгиј, пак, ѝ се заблагодарил на Московската патријаршија за поддршката што ја дала при решавањето на статусот на МПЦ-ОА и за одлуката на Српската православна црква да ѝ додели автокефалност.
Кирил отворено застана зад политиката на Кремљ по руската инвазија врз Украина. Во проповед на 25 септември 2022 година, неколку дена откако Путин прогласи делумна мобилизација, рускиот патријарх рече дека војникот кој останал верен на заклетвата и загинал исполнувајќи ја воената должност се жртвувал за другите. „Веруваме дека таа жртва ги измива сите гревови што човекот ги направил“, рече тогаш Кирил.
Неколку месеци претходно, поради поддршката за инвазијата, Кирил се најде на предлог-листата за шестиот пакет санкции на ЕУ против Русија. Доколку предлогот беше усвоен, тој ќе добиеше забрана за патување во Унијата, а неговиот имот во ЕУ ќе беше замрзнат. Владата на тогашниот унгарски премиер Виктор Орбан, повикувајќи се на верската слобода, побара Кирил да биде изземен. Во јуни 2022 година другите земји членки прифатија неговото име да се отстрани за пакетот да ја добие потребната едногласна поддршка. Велика Британија истиот месец воведе санкции против него.
На 18 јуни 2026 година бугарскиот премиер Румен Радев во Брисел најави дека Софија ќе стави вето на 21. пакет санкции на ЕУ против Русија ако патријархот Кирил остане на предложената листа. По противењето на Бугарија, на 12 јули амбасадорите на земјите членки го изоставија Кирил од предлог-пакетот, со што пропадна и вториот обид на ЕУ да го санкционира рускиот патријарх.
Kога Кирил пред македонските владици зборува за „законска автокефалност“, тој се повикува на томосот што српскиот патријарх Порфириј му го врачи на г.г. Стефан на 5 јуни 2022 година во Белград. Со тој документ СПЦ и додели автокефалност на МПЦ-ОА, а Москва ја призна. Вселенскиот патријарх Вартоломеј досега не издал томос.Но, првиот чекор за надминување на повеќедеценискиот раскол го направи токму Вселенската патријаршија. На 9 мај 2022 година таа ги прими во евхаристиско единство архиепископот Стефан, свештенството и верниците, со што овозможи заедничко богослужење.