По победата на демократијата Унгарија може да стане модел за Западен Балкан
Политичките експерти очекуваат личните врски меѓу лидерите да се сменат во квалитативен институционализиран однос
Промената на владата во Унгарија претставува значаен пресврт во односите на земјата и со Западен Балкан и со Грузија, бидејќи се очекува дека во иднина овие односи ќе се базираат помалку на „лични врски“ меѓу лидерите, а повеќе на институционализирана, транспарентна билатерална соработка, оценија учесниците на панелот „Нов партнер, ист чардаш? – Унгарија и Западен Балкан по Орбан“, кој се одржа во рамките на Белградската безбедносна конференција.
Како што беше истакнато, економската и стратешката рамка на соработка, воспоставена во изминатите години, „веројатно ќе остане недопрена“.
Ференц Немет, виш истражувач во Унгарскиот институт за меѓународни односи, истакна дека Западниот Балкан „долго време е приоритет за Будимпешта“.
„Тој фокус не започна со Орбан и дефинитивно нема да заврши со заминувањето на Орбан. Затоа, пресвртот ќе биде квалитативен, а не квантитативен. Промената ќе се смета за промена во квалитетот, пристапот ќе биде различен, додека квантитетот ќе остане ист“, верува Немет.
Тој изрази очекување дека стратешкото партнерство на Унгарија со Србија „ќе остане недопрено, додека Будимпешта ќе се движи кон традиционален билатерален пристап, а не кон пристап базиран на соработка на лидерите“.
„Ова значи дека јавното финансирање на локалните владетели и мешањето во изборните кампањи ќе завршат. Унгарија сега има можност да стане нов вид модел за регионот“, тврди Немет.
Срѓан Цвииќ, претседател на Меѓународниот советодавен одбор на Белградскиот центар за безбедносна политика, рече дека „унгарската демократска победа претставува огромна инспирација за Студентското движење во Србија“.
„Очекувам дека поддршката на Будимпешта за проширувањето на Европската унија ќе продолжи, вклучително и поддршката за отворање на Кластерот 3 за Србија, штом ќе се формира нова влада“, изјави Цвииќ.
Освртувајќи ги односите меѓу двете земји кога на власт беа Виктор Орбан и Александар Вучиќ, тој оцени дека зближувањето било „малку повеќе од салонско помирување на политичарите, додека Србите и Унгарците во Војводина останаа да живеат како два одделни острови“.
Анастасија Мгалобилишвили, истражувач на Слободниот универзитет во Берлин, изјави дека Будимпешта, за време на владеењето на Виктор Орбан, ѝ помогнала на владејачката партија во Грузија да „се спротивстави на притисокот на Европската унија, блокирајќи ги санкциите и заедничките изјави на Унијата, со што ги поткопуваше пораките на Унијата и охрабруваше нелиберална идеологија“.
„Со заминувањето на Орбан, ЕУ доби повеќе простор за справување со автократијата во Грузија“, смета таа.
Мгалобилишвили забележа дека владејачката партија, Грузиски сон, сè повеќе се потпира на репресија, криминализација на протестите и забрана на опозициските партии.
Дане Талески, истакнат соработник на Институтот Преспа и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, ги опиша поранешните односи на државава со Унгарија како „длабоко персонализирани“ и како „многу жешка романса“.
Според него, унгарскиот заем за Македонија „сè уште претставува црна кутија“, а билатералните односи се префрлија од „многу жешка романса“ во фаза на „заладување“.