Неизгасена цигара предизвика пожар во ГОБ „8 Септември“: Евакуирани паициентите
Пожарот што утрово избувна на Одделот за ортопедија во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје е изгаснат. Пациентите и медицинскиот персонал биле безбедно евакуирани, а нема повредени. Според првичните сознанија, пожарот најверојатно бил предизвикан од отпушок од цигара.
Директорот на болницата, д-р Синиша Стојаноски, за настанот вели дека станува збор за човечки фактор и дека нема опасност за пациентите и вработените.
– Ништо сериозно, направена е евакуација веднаш. Од неодговорен човечки фактор (отпушок од цигара) е предизвикана оваа ситуација. Утврдуваме фактичка состојба во моментов, но нема никаков ризик ниту за пациентите ниту за персоналот – изјави Стојаноски за Скопје1.
Пожарот избувнал во внатрешна просторија на Одделот за ортопедија, на вториот кат од болницата. Од прозорците на објектот излегувал чад, по што била повикана скопската Противпожарна бригада.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека преку бројот за итни повици Е-112 добиле известување за пожарот, по што веднаш ја известиле Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
И од Министерството за внатрешни работи потврдија дека пациентите и персоналот се безбедно евакуирани и дека нема повредени лица.
„Денеска (20.11.2026) во 10:45 часот, во СВР Скопје е пријавено дека во ГОБ „8 Септември“ на Одделот за ортопедија настанал пожар. Пациентите и персоналот се безбедно евакуирани, повредени лица нема“, соопшти МВР.
Од Бригадата за противпожарна заштита потврдиле дека пожарот бил во внатрешна просторија на одделението, дека е локализиран и дека немало опасност од негово понатамошно ширење.
Пожарот е изгаснат, а болницата продолжува со нормално функционирање. Надлежните преземаат мерки за утврдување на причините за неговото избувнување и за расчистување на случајот.
Засега нема информации за висината на евентуалната материјална штета.