Јаневска: Фулбрајт програмата е значајна инвестиција во знаењето и развојот на младите
Меѓународната академска соработка е клучна за градење доверба, партнерства и меѓусебно разбирање меѓу народите, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележувањето на 80-годишнината од Фулбрајт програмата за образовна и културна размена на Владата на САД.
Јаневска истакна дека програмата им овозможува на македонските студенти, научници и истражувачи да стекнат вредни знаења и искуства на престижни американски универзитети, кои по враќањето ги применуваат во домашните образовни и научни институции.
Според неа, ваквите можности претставуваат значајно вложување во човечкиот капитал и придонесуваат за развојот на македонското општество.
Вршителката на должноста амбасадор на САД, Никол Варнс, посочи дека во изминатите осум децении повеќе од 450.000 студенти, истражувачи и професионалци од над 160 земји биле дел од програмата, која создала генерации научници, државници и добитници на Нобелова награда.
За придобивките од Фулбрајт зборуваше и професорот на Машинскиот факултет во Скопје, Атанас Кочов, кој нагласи дека студискиот престој во САД значително влијаел врз неговата истражувачка работа.
Министерката Јаневска најави продолжување и продлабочување на соработката со САД преку нови заеднички проекти, академски партнерства и поголеми можности за размена на студенти и истражувачи.