Протести во Анталија поради уништување на животната средина
Илјадници луѓе денеска протестираа на улиците во турскиот град Анталија поради уништувањето на животната средина, додека се одржува Конференцијата на Обединети нации за климатските промени (КОП31).
Според организаторите, повеќе од 10.000 луѓе мирно маршираа за заштита на климата и на човекови права.
Протестот беше организиран од меѓународните организации за заштита на климата, но учествуваа и голем број турски здруженија, синдикати и опозициски партии.
Турските власти го одобрија протестот, што е реткост, бидејќи во Турција се забранети големи јавни собири. Полицијата од демонстрантите пред да се приклучат на маршрутата барајќи да ги покажат транспарентите.
Но, голем број од демонстрантите извикуваа опозициски слогани, вклучувајќи „Рамо до рамо против фашизмот“, како и „Ќе дојде денот кога АКП ќе мора да одговара пред народот“, алудирајќи на владејачката Партија на правдата и развојот предводена од претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Заедно со маршот, овој викенд во Анталија почна паралелен „Народен климатски самит“ во кој учествуваа стотици домашни и меѓународни групи на граѓанското општество.
Коорганизаторката на „Народниот климатски самит“, Сухејла Доган за Германската новинска агенција (ДПА) изјави дека настанот има за цел да им даде платформа на локалните експерти и групи кои се борат да бидат слушнати во рамките на официјалните преговори на ОН, фокусирајќи се на деградацијата на животната средина, демократијата и транзицијата од фосилните горива.
Двонеделните разговори на ОН за климата (КОП31) во Анталија треба да завршат на 20 ноември, а преговорите ќе бидат фокусирани на спроведување на постојните ветувања, намалување на емисиите и обезбедување финансирање за климатските промени за земјите во развој.