Во Словенија молк пред утрешните локални избори
Во Словенија е во сила изборен молк пред утрешните локални избори, што ќе се одржат во сите 212 општини во земјата.
Најголемо внимание привлекуваат изборите за градоначалник на Љубљана, каде што по 20 години владеење на Зоран Јанковиќ за првпат се очекува втор круг. Негов противкандидат во вториот круг би требало да биде претседателот на партијата Левица, Лука Месец.
Последната анкета на јавното мислење покажува дека за Јанковиќ би гласале 33,2 отсто од избирачите, а за Месец 22,9 отсто, објави Словенечката новинска агенција (СТА).
Покрај нив, во трката за градоначалник на словенечката престолнина има уште 12 кандидати, меѓу кои и поранешниот словенечки премиер, Антон Роп и поранешниот министер за финансии, Клемен Боштјанчиќ.
Втор круг се очекува и во Марибор, каде што кандидати се независниот Бор Грајнер и Матевж Франгеж, кого го поддржуваат Социјалдемократите, Листата на велосипедисти и пешаци и Левица.
Право на глас имаат повеќе од 1,6 милиони граѓани на Словенија. Новина на овие избори е што државјаните на трети земји со постојан престој во Словенија нема да имаат право на глас.
Ова се деветтите локални избори од осамостојувањето на Словенија. Граѓаните имаа можност да гласаат и пред изборниот ден, од вторник до четврток.