Клековски: Еден сомнителен случај на морбили, нема подобра заштита за сипаници од вакцинацијата
Еден сомнителен случај на морбили има во државата – изјави денеска министерот за здравство, Сашо Клековски.
Сомнителниот случај е дете на возраст над една година, за кое сè уште се вршат лабораториски испитувања. Досега има пет потврдени случаи на морбили во државата, од кои четири се македонски државјани, а еден е странец.
Клековски рече дека сите случаи се обработуваат темелно епидемиолошки за да се утврдат контактите и да се предупредат сите можни контакти.
– Знам дека имаме зголемено ниво на вакцинирање. Имаме доволно вакцини, така што мислам дека на почетокот имавме речиси 15.000, има и други достапни количини – посочи Клековски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Стоматолошкиот клинички центар.
Тој демантира дека Министерството за здравство или која било здравствена институција, дел од здравствените власти, испратила насоки до Министерството за образование или до Министерството за социјална политика да бара потврди за вакцинирање.
– Ниеден дел од здравствените власти нема испратено препорака до соодветните други установи, зборуваме за образование, за непримање деца. Нашето апелирање е до родителите дека со невакцинирањето ги изложуваат сопствените деца, бебињата, на ризик. Чинот на доброволност го нагласувам за да се избегнат моментите на постојните групи на антиваксери, кои сметаат дека ова е повторно некаков заговор за да ги тераме родителите да ги вакцинираат децата. Нема никаков заговор. Моите деца се вакцинирани кога било време да бидат вакцинирани, не отпосле. Апелирам до сите родители – нема подобра заштита за сипаници од вакцинацијата. Сите заедно како општество треба да се вклучиме со јасна волја дека ова е единствен начин да спречиме епидемија и дека сите треба да направиме чекор кон тоа. Нема потреба да се закануваме, да присилуваме, да се фалсификуваат потврди и што ли уште не да се прави – додаде Клековски.