Реновирана и подновена ординацијата за општа анестезија за деца на Стоматологија


Речиси 40 милиони денари се инвестирани во изминатата година и пол во набавка на медицинска опрема и модернизација на условите во ЈЗУ Стоматолошки клинички центар. Целосно е реновирана и опремена и ординацијата за општа анестезија, наменета за деца и лица со попреченост.

Директорката на Клиничкиот центар, Јулијана Николовска, информира дека се набавени дефибрилатори, автоклави, стерилизатори, печки за жарење и порцелан, кастомат, пескари, подвижен рендген-апарат, ласери и друга медицинска опрема.

Дополнително, ординацијата за општа анестезија е опремена со видеоларингоскоп, а годишно во неа се третираат речиси 200 деца, без листа на чекање.

Николовска посочи дека инвестициите се реализирани со поддршка на Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство, но и преку домаќинско работење и интерни заштеди на установата.

Таа се заблагодари и за донациите од Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“, од која клиниката добила стоматолошки стол со комплет насадни инструменти, подвижен рендген-апарат и автоклав, како и од компанијата „Зегин“, која донирала два болнички кревети за реанимација на пациентите.

 

Покрај набавката на опрема, извршена е и реконструкција на дел од зградата, вклучително и прозорците и дограмата во салите. Уреден е нов информативен пулт, а отворена е и нова ординација за матичните стоматолози, каде што пациентите ќе го остваруваат првиот контакт со установата.

Директорката на „Зегин“, Викторија Механџиска, истакна дека Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ и компанијата веќе четири години работат на подигнување на свеста за потребите на децата со аутизам.

Таа објасни дека иницијативата за донацијата произлегла и од разговорите со родителите за време на минатогодишниот караван, при што било посочено дека на децата со аутизам, поради стравот од стоматолошки интервенции, им е потребна можност за лекување под општа анестезија.

Министерот за здравство Сашо Клековски, кој го посети Клиничкиот центар, оцени дека модернизацијата е значаен чекор за унапредување на јавната стоматолошка здравствена заштита, но и за едукацијата на идните стоматолози.

Тој посочи дека установата треба да располага со современи технологии, како 3Д-скенери и 3Д-печатачи, како и со најнови модели на импланти, за идните стоматолози и специјализанти да можат да ги совладуваат современите методи на работа.

Во однос на ординацијата за општа анестезија, Клековски нагласи дека нејзиното целосно опремување, вклучително и со подвижен рендген и видеоларингоскоп, придонесува за побезбедно изведување на интервенциите.

Тој најави дека треба да се разгледаат можностите за проширување на ваквите услуги и во други градови, со цел стоматолошките интервенции под општа анестезија да бидат подостапни за децата и возрасните на кои им се потребни.

Како можни локации ги посочи Тетово, Штип и Битола, преку соработка на клиничките и општите болници со други соодветни здравствени установи. Притоа, како еден од клучните предизвици ја наведе достапноста на анестезиолози.

Клековски ја истакна и важноста на општествената одговорност на компаниите и фондациите во здравството, особено кога донациите се насочени кон конкретни потреби, како стоматолошката грижа за децата со аутизам.