Охрид домаќин на меѓународна работилница за заштита и промоција на културното наследство


Фото: Б. Грданоски

 Археолошкото наследство, неговата заштита и одржливо управување, како и можностите за негова современа интерпретација и промоција, се во фокусот на меѓународната работилница од денеска до 15 ноември се одржува во Охрид.

На работилницата органзирана Форумот на словенските култури, во соработка со НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид“, експерти од земјава, како и од Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина ќе презентираат примери на добри практики, актуелни истражувања и проекти за поврзување на археолошкото наследство со локалните заедници и одржливиот развој.

Програмата опфаќа две тематски целини – првата посветена на заштитата и одржливото управување со археолошките локалитети, а втората на нивната промоција, современите начини на интерпретација и вклучувањето различни групи посетители.

Меѓу темите ќе бидат археолошките истражувања и плановите за ревитализација на Самоиловата тврдина во Охрид, средновековните погребувања на археолошкиот комплекс „Манчевци“, како и искуствата на Музејот на хрватските археолошки споменици во Сплит.

Посебно внимание ќе биде посветено и на примената на дигиталните технологии во претставувањето на археолошките локалитети и наодите. Во таа насока ќе бидат презентирани 3Д-реконструкцијата на мозаиците од базиликата на Плаошник и виртуелната презентација на Македонската гробница во Охрид.

Словенечките искуства ќе ги претстави Маша Сакара, научен соработник и музејски советник во Регионалниот музеј во Копер. Таа ќе зборува за управувањето со археолошкиот локалитет Каштелир над Корте и можностите за поврзување на археолошкото наследство со локалните заедници и одржливиот туризам.

Во втората презентација Сакара ќе се осврне на потенцијалот на инклузивните археолошки паркови, претставувајќи ги искуствата од Каштелир над Корте и Каштелир Елерји.

Организаторите очекуваат работилницата да придонесе за размена на стручни знаења и искуства, како и за продлабочување на соработката меѓу институциите од земјите членки на Форумот на словенските култури кои работат на заштита и промоција на културното наследство.