Нервоза во Собранието, власта „не даде“ пратенички прашања

Атмосферата по две паузи дојде до граница на конфликт, со постојани довикувања, навредувања и покажување среден прст. Гаши даде пауза и пратениците веќе не се вратија


Оливер Спасовски бараше објаснување од спкиерот Гаши по која точка од Деловникот ја става паузата во часовите предвидени за пратенички прашања

 

Три часа откако почна седницата за пратенички прашања, ниту еден пратеник од опозицијата не успеја да постави прашање поради политичките игри на пратениците од власта и министрите. Кога атмосферата по дадените две паузи дојде до граница на конфликт, со постојани довикувања, навредувања и покажување среден прст, спикерот Африм Гаши даде – уште една пауза. 

„Ова е апсолутно непотребно. Многу е крената тензијата поради што ги повикувам координаторите на пратеничките групи на состанок. Не е добро граѓаните да нѐ гледаат во ваква атмосфера“, порача Гаши  и ја прекина седницата, без да каже кога ќе продолжи.

Претходно Борис Крмов од Левица се закани дека, или ќе има пратенички прашања толку колку што предвидува Деловникот (два часа само за опозицијата), или нема да има седница воопшто, на што од власта реагираа со довикувања и нервоза. Притоа, паднаа тешки оценки – дека претседателот на Собранието се однесува неодговорно, дека глуми неутралност, а индиректно учествува во блокадата на пратеничките прашања, дека на секоја седница при јасен Деловник се прават правни излети и преседани и дека намерата е – да и се одземе демократското право на опозицијата да ја прашува што работи Владата. 

Повод за тензијата беше обидот паузата околу процедурално прашање да се претстави како дел од предвидените два часа за пратенички прашања на опозицијата, што ги гарантира Деловникот, и тоа што по паузата и тие министри што дојдоа – си заминаа и не се вратија. И, како што беше забележано, другите иако биле известени дека има прашања за нив, не само што не дошле, туку и не се потрудиле да кажат зошто ги нема на седницата. 

Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ притоа му порача на претседателот на Собранието Гаши дека не е доволно да каже  дека тој ја завршил својата обврска, т.е. ја подготвил седницата бидејќи сѐ додека седи таму како претставник на политичка партија, е дел од игрите во Собранието. Тој му забележа дека не може да прави преседан на секоја седница и го повика да каже јасно по кој член од Деловникот завршиле пратеничките прашања, во смисла по кој член истекло времето за нив, кога ниту еден пратеник не поставил прашање до тој момент?

„Покажавте дека ваквиот начин на функционирање на Собранието е со некоја друга намера“, рече Спасовски. 

Гаши пак се спротивстави со „математика“, пресметувајќи ако се земе вообичаеното време за пратенички прашања од 11 часот до 18 часот, со еден час ручек пауза, се отвора дилема – како ќе го исполнат тоа време денес, кога реално не се ни почнати?

Халил Снопче од Алијансата за Албанците потоа му објасни на Гаши дека демократијата не се мери според тоа колку трае паузата, туку според тоа колку простор ѝ се дава на опозицијата, оценувајќи дека ова што се прави денес е против основните демократски права на опозициските пратеници. Па, влезе во вербален дуел со Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој му довикуваше од место, и покрај барањата на Гаши да се смират тензиите. 

-Ова е еден вид политичка шизофренија: да имаш загарантирано право во времетраење од два часа, а потоа времето поминато во паузи да се користи како аргумент за да ти се ускрати токму тоа право!- рече Снопче.

Додека се обраќаше Спасовски, исто така имаше нервозни реакции од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на што пратеникот на СДСМ им дофрли ваквите однесувања да ги применуваат во својата партија, а тоа што го покажува еден од нив со раката – да го покаже на неговиот лидер. 

„Можете да  врескате колку сакате, но седницата ќе продолжи“, им порача Спасовски пред да биде дадена паузата.

Освен што се покажа притоа дека ниту еден деловник не може да им стави крај на политичките игри и изигрувањата на правата во нашето Собрание, туку и дека пратениците од владејачкиот табор веќе не можат да се контролираат и да ги толерираат барањата за отчет. И згора на сѐ,  Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ излезе во соопштение во кое тврдеше дека опозицијата сама себе си се саботирала.

„Денес бевме сведоци дека опозицијата не сакаше да се започнат опозиционите пратенички прашања. Ова навистина претставува преседан во демократијата. Опозиција да ги саботира пратеничките прашања. И ова не е прв пат. Опозицијата се плаши од вистината“, порача Сајкоски.

Сѐ започна откако на седницата, на која беше предвидено поставување пратенички прашања од опозицијата, еден час пауза побара координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, со барање министрите да дојдат во пленарната сала. Тогаш со процедуралното барање за еден час пауза настапи пратеникот од ЗНАМ, Даниел Стојчевски, кој цитирајќи ги членовите 38 и 42 од Деловникот побара од пратениците да го користат инструментот пратенички прашања, бидејќи, според него, во спротивно излегува дека не се подготвени за нивната работа за која што се платени.

„Суштина е она што значи одговорност на нас пратениците за работата што ја работиме пред народот, пред граѓаните. Да ги слушнеме и функционерите коишто се избрани и именувани да кажат и да објаснат за нивната работа. Веќе во континуитет ни се повторува инструментот пратенички прашања, којшто е наменет како инструмент на опозицијата да се објасни работата на министрите, на заменик-министрите, да биде бојкотирана со барање пауза од еден час. Мислам дека ние во светот сме единствена држава каде што опозицијата бара пауза на инструментот кој што е наменет за опозицијата“, истакна Стојчевски.

Тој посочи дека пратениците земаат плата и имаат одговорност пред граѓаните и пред народот што ја гледа седницата.

– Денеска сме тука собрани, беа претставници од Владата, беа министрите, беа заменик министри и повторно беше побарано пауза. Впрочем во континуитет, како она што се случи и вчера во текот на денот за надзорна расправа, и во текот на претходните пратенички прашања. И затоа врз основа на член 87 од Деловникот, барам еден час пауза, а се надевам дека за следната седница ќе дојдете спремни, рече Стојчевски.

Реагираше и пратеникот на Левица, Сашко Јанчев.

„Паузата во Собранието не може да се брои како работа. Пауза не е работа. Толку е едноставно и не е за верување дека ова треба да се објаснува. Замислете има пратенички прашања и не е тука министерот кому сакате да поставите прашање. Барате пауза од еден час за да дојде министерот. Арно ама по Деловникот опозициски пратенички прашања се поставуваат во рок од два часа по утврдување на дневен ред. И вие барате еден час пауза за да дојде министер, а претседателот на Собранието тоа го толкува како да ви поминал еден час од оние два за поставување прашања. Излегува после некој од владина коалиција, си бара уште еден час пауза и по вмровски ви толкуваат дека времето за пратенички прашања од два часа е поминато. А, пазете, ниту едно прашање не е поставено. Ова е саботажа на Собранието“, истакна Јанчев. (Н.В.)