Петмина малолетници ќе одговараат за насилниот напад врз момчето во Влае


Петмина малолетници ќе одговараат за бруталниот напад врз 13-годишно момче во скопската населба Влае, при кој детето се здоби со тешки повреди и му беа скршени заби.

Информацијата ја објави Скопје1, посочувајќи дека кривична пријава против петмината малолетници од Скопје ќе поднесе СВР Скопје поради сомнение за „насилство“. 

„СВР Скопје по целосно документирање на случајот ќе поднесе кривична пријава против пет малолетни лица од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘насилство’“, информираат од МВР.

За потсетување, нападот се случи на плоштадот „Делфина“, а според претходните информации, во него учествувала поголема група тинејџери. Мајката на момчето раскажа дека нејзиниот син бил удиран со тупаници и клоци, а бил употребен и метален боксирач. Според информациите, нападот се случил околу 00:30 часот, а случајот во полиција го пријавила мајката на 18 октомври. Случајот предизвика реакции во јавноста поради сериозноста на повредите и возраста на децата вклучени во нападот.

Од Министерството за внатрешни работи тогаш соопштија дека малолетникот бил физички нападнат од група други малолетници, од кои некои му биле познати, и дека бил употребен тврд предмет.