Со пари од МЖСПП се чисти Ораовичка Река во Радовиш


 Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денеска престојуваше во работна посета на Општина Радовиш, каде што оствари средба со градоначалникот Љупче Почивалец, на која се разговараше за реализацијата на тековните и планираните инфраструктурни проекти, како и за натамошното унапредување на соработката меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и локалната самоуправа во општина Радовиш.
 
Во рамките на посетата, заменик-министерката Лашкоска и градоначалникот Почивалец извршија увид во реализацијата на проектот за уредување на речното корито на Ораовичка Река, за кој Министерството за животна средина и просторно планирање, преку Програмите за води за 2025 и 2026 година, има обезбедено 12 милиони денари. Реализацијата на овој проект има особено значење за подобрување на заштитата од поплави, намалување на ризиците од излевање на реката и унапредување на безбедноста на населението и околните имоти.
 
Посебно внимание на работната средба беше посветено и на планираниот проект за изградба на водоводна, фекална и атмосферска канализациска мрежа во Урбан блок 15 во Радовиш, чија реализација е предвидена со финансиска поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање. Овој инфраструктурен зафат претставува важен чекор кон подобрување на комуналните услуги, обезбедување посигурно водоснабдување и поефикасно управување со отпадните и атмосферските води. 
На средбата беше нагласено дека успешното спроведување на инфраструктурните проекти бара континуирана координација и партнерство меѓу централната и локалната власт, со јасно утврдени приоритети кои произлегуваат од реалните потреби на населението.
 
„Граѓаните не ја мерат успешноста на институциите само според вложените средства, туку според подобрувањата што ги чувствуваат во своето секојдневие. Токму затоа, секој реализиран проект, секој метар изградена водоводна или канализациска мрежа и секое уредено речно корито за нас претставуваат вложување во нивната сигурност, здравје и поквалитетен живот. Нашата цел е инвестициите во животната средина да бидат видливи преку конкретни придобивки за граѓаните и да создаваат трајни вредности за идните генерации“, истакна заменик-министерката Лашкоска.
 
Во таа насока, Министерството за животна средина и просторно планирање и во 2027 година ќе продолжи да ја развива соработката со Општина Радовиш, со фокус на реализацијата на приоритетните инфраструктурни проекти, одговорното управување со водните ресурси и натамошното подобрување на условите за живот на локалното население.
 
МЖСПП посветено работи преку континуираните инвестиции, одговорното управување со природните ресурси и партнерството со локалните самоуправи, создава долгорочни решенија за еколошките и инфраструктурните предизвици, со јасна цел – побезбедни населени места, почиста животна средина и подобар квалитет на живот за сегашните и идните генерации.