Шефицата на ОЈО ГОКК најави ефикасен кривичен прогон
Новозибраната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Искра Хаџи-Василева денеска најви дека ќе има поголема борба во случаите од јавен интерес и максимално искористување на расположливите ресурси во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Хаџи-Василева денеска даде свечена изјава пред Советот на јавните обвинители за стапување на функцијата и нагласи:
„Приоритетите се јасни, ефикасен кривичен прогон, целисходност во нашата работа и максимално искористување на ресурсите што ни се ставени на располагање. Свесни сме дека тие во одреден дел се ограничени, но ќе се залагаме за обезбедување повеќе ресурси и за што поефикасно користење на постојните, со цел да постигнеме поуспешни резултати“.
Осврнувајќи се на оценките во последниот извештај на Европската комисија дека нема напредок во борбата против корупцијата, новата шефица на ОЈО ГОКК рече дека е свесна за предизвиците што ги носи актуелниот контекст.
„Ќе се обидеме да испорачаме поефикасен и поодлучен кривичен прогон таму каде што тоа е најпотребно, односно во предмети и ситуации што навистина го засегаат јавниот интерес и што се од значење за сите нас, за граѓаните и за општеството во целина“, рече Хаџи-Василева.
Хаџи Василева беше избрана за раководителка на ОЈО ГОКК на изборите одржани на 28 октомври годинава, освојувајќи 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче.