Пијанистот Давид Хрикули ќе настапи како солист на концертот „Ехо“ на Филхармонија
Македонската филхармонија денеска ќе го одржи концертот „Ехо“, на кој како солист ќе настапи грузискиот пијанист Давид Хрикули, еден од најистакнатите млади пијанисти на меѓународната музичка сцена, додека диригент ќе биде францускиот маестро Сами Рашид.
Концертот ќе започне во 20 часот, а на програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Рахмањинов и Симфонијата бр. 4 во Ес-дур од Антон Брукнер.
Хрикули, роден во Тбилиси во 2001 година, е студент на Високата школа за музика „Кралица Софија“ во Мадрид и добитник на бројни меѓународни признанија. Во 2025 година беше финалист на престижниот Меѓународен пијано-натпревар „Шопен“, а добитник е и на први награди на меѓународни натпревари во Италија, Шпанија, Данска и Грузија. Настапувал со повеќе реномирани оркестри и концертни куќи низ Европа и пошироко.
Концертот ќе го диригира Сами Рашид, кој е асистент-диригент на Бостонскиот симфониски оркестар под водство на Андрис Нелсонс. Францускиот диригент во последните години бележи интензивна меѓународна кариера со настапи со водечки европски и американски оркестри, а сезонава дебитира со Ротердамската филхармонија, Бриселската филхармонија, Националниот оркестар на Лил и Оркестарот „Гулбенкијан“.
Од Македонската филхармонија информираат дека концертот „Ехо“ ќе донесе спој на романтичната виртуозност на Рахмањинов и монументалниот симфонизам на Брукнер.