Австрија го заострува законот за шпионажа
Виена – Австриската Влада објави планови за проширување на правната дефиниција за шпионажа и зголемување на максималната казна за тоа кривично дело за да ја промени долгогодишната репутација на Виена како „легло на шпиони“, а овој потег доаѓа по протерувањето на неколкумина руски дипломати.
Во австрискиот главен град денес се сместени меѓународни организации како Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) и тела на Обединетите нации, вклучувајќи ја и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Таквата средина обезбедува можност за распоредување разузнавачки агенти под закрила на дипломатскиот имунитет. Руските дипломати протерани во последните години работеа во руската амбасада во Австрија, како и во руските мисии при ОН и ОБСЕ.
– Виена од историски причини во медиумските извештаи често се нарекува престолнина на шпионажата. Притоа одредена улога играат и филмовите – изјави министерката за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер, алудирајќи на познатиот филм „Третиот човек“ со Орсон Велс, чија дејност се одвива во повоена Виена.
Претставувајќи го нацрт-законот, кој по неколку недели разгледување ќе биде упатен во парламентарна процедура, таа рече дека на таквиот имиџ сака да му „стави крај“.
Според важечкиот австриски закон, забранета е шпионажа насочена против интересите на Австрија, а за таквите кривични дела предвидена е максимална казна од само пет години затвор.
Министерката наведе дека планира да ја зголеми максималната казна на десет години затвор и да ја прошири дефиницијата за шпионажа така што ќе опфати и делување против меѓународните организации и Европската Унија, за што би била предвидена казна до пет години затвор.
– Дипломатскиот статус не смее да се злоупотребува како параван за шпионски активности на наша територија. Повеќе не ја вртиме главата на другата страна, го променивме пристапот – порача Мајнл-Рајзингер.
Австрија во октомври протера четворица руски дипломати поради „делување неспојливо со нивниот дипломатски статус“, што е израз кој по правило се користи за шпионажа, со што бројот на руските дипломати протерани од 2020 година порасна на 18.
Иако Австрија е неутрална земја, нејзините влади политички застанаа на страната на Украина откако Русија во 2022 година започна инвазија врз таа земја.