Самит на Европската политичка заедница почнува во Даблин за клучните предизвици со кои се соочува европскиот континент


Даблин –    Лидерите на околу 50 европски земји ќе се соберат  денеска во Даблин на 9. самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ), каде што ќе разговараат за клучните стратешки и геополитички предизвици со кои се соочува европскиот континент, особено напорите за ставање крај на војната во Украина. Ден потоа, в петок, се одржува неформален состанок на самитот на земјите-членки на Европската унија.

Самитот на ЕПЗ ќе започне со пленарна сесија на која ирскиот премиер Мајкл Мартин, украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта ќе одржат воведни говори. Потоа ќе следат дискусии на тркалезна маса на две теми – изградба на конкурентна Европа, со акцент на иновации, поврзаност и прифатлива енергија, и заштита и одбрана на демократска Европа.

Се очекува агресивната војна на Русија против Украина и тековната хибридна кампања против инфраструктурата, границите и општествата во Европа да бидат во центарот на вниманието, како на панелите, така и на пленарните состаноци. Лидерите на европските земји и институции кои учествуваа во преговорите во Абу Даби ќе ги информираат своите колеги за можниот напредок и можните резултати.

Се очекува да бидат усвоени три декларации како дел од самитот – за миграцијата, борбата против дрогата и принципите на европската безбедност.

По вторпат, канадскиот премиер Марк Карни, кој се обидува да изгради поблиски врски со Европа, ќе учествува како гостин на самитот.