За еден месец ќе проработи жичницата до Водно – се чека моторот
Ја обновуваме жичницата, Скопје повторно ќе ужива во својот најубав поглед! – ветува скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, откако ја затвори во мај, годинава.
Жичницата е едно од омилените скопски доживувања.
Таа нѐ носи поблиску до природата и до глетката што секогаш нѐ потсетува колку е убав нашиот град, романтичен е градоначалникот, но потсетува дека „при увид, беа констатирани сериозни недостатоци, последица на долгогодишното неспроведување на неопходните големи сервиси и редовното одржување од страна на претходните раководства“.
Тврди дека бил потребен обемен и темелен зафат, а според него, занемаруван речиси една деценија.
– Затоа жичницата беше ставена вон функција – поентира Ѓорѓиевски. -За мене, безбедноста на нашиот народ е пред сѐ. Тука нема компромис! Сега сме посветени на нејзината целосна реконструкција.
– Во тек се зафатите за обнова на жичницата и темелна реконструкција на кабините, а се очекува да пристигне и моторот кој е испратен на репарирање надвор од државава.
За безбедно возење, сигурна работа и спокојство за секој посетител – додава градоначалникот.
Очекува, веќе следниот месец, по завршувањето на работите и неопходните безбедносни проверки, жичницата повторно да ги пречека скопјани и гостите на Скопје.