Управниот Одбор на КФМ бара оставка од претседателот на МОК, Даниел Димевски
На седницата на Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија беше детално информиран за досегашните случувања и односите со Македонскиот олимписки комитет, особено за активностите поврзани со формирањето и изборот на националната репрезентација во кошарка 3×3. Комплетниот текст објавен на сајтот на кошаркарската федерација го објавувавме во целост.
По разгледувањето на сите околности, Управниот одбор ги ОДОБРИ И ПОТВРДИ досегашните активности на раководството на Федерацијата и даде целосна поддршка за преземање на сите неопходни идни институционални и правни активности за заштита на нејзиниот интегритет, надлежности и углед.
Истовремено, Управниот одбор оцени дека досегашното постапување на раководството на Македонскиот олимписки комитет, предводено од претседателот Даниел Димевски, отвора сериозни прашања за можен судир на интереси, непотизам, институционални опструкции и постапувања што бараат дополнително испитување од надлежните органи.
Поради сето ова, Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија бара итна и неотповиклива оставка од Даниел Димевски од функцијата претседател на Македонскиот олимписки комитет.
1. КОГА СЕМЕЈНИОТ ИНТЕРЕС СЕ СУДИРА СО НАЦИОНАЛНИОТ СПОРТСКИ ИНТЕРЕС
Во центарот на спорот меѓу двете институции се наоѓа прашањето за начинот на формирање на националната репрезентација во кошарка 3×3, во чиј состав е вклучен и синот на претседателот на Македонскиот олимписки комитет.
Федерацијата никогаш не го оспорувала правото на кој било кошаркар, вклучително и на синот на Димевски, да го носи националниот дрес доколку тоа право е стекнато врз основа на спортски квалитет, резултати и објективна стручна процена.
Но, категорично се спротивставуваме на секој обид изборот на националната селекција да биде изземен од надлежностите на Федерацијата и ставен под контрола на институција чиј претседател има непосреден семеен интерес во самиот состав.
Дали националниот дрес се заслужува со спортски резултати или со семејна поврзаност со раководител на спортска институција?
Ова прашање не може да остане без одговор.
Претседателот на Олимпискиот комитет има посебна одговорност да обезбеди транспарентност и да избегне каков било судир на интереси, особено кога се одлучува за прашања што непосредно го засегаат неговото семејство.
2. МЕМОРАНДУМ КОЈ ЈА СВЕДУВА ФЕДЕРАЦИЈАТА НА АДМИНИСТРАТИВЕН ИЗВРШИТЕЛ
За јавноста да добие целосна слика, сметаме дека е неопходно да ја објасниме и содржината на предложениот Меморандум за соработка меѓу Македонскиот олимписки комитет и Кошаркарската федерација на Македонија.
Со член 2 од предложениот Меморандум, Олимпискиот комитет презема обврски за финансирање на активностите, покривање на трошоците, обезбедување услови за тренинг, но и за ангажирање стручни лица за селекција, тренинг и водење на репрезентациите, вклучувајќи го нивниот избор и исплата на надоместоци.
Наспроти тоа, во член 4 обврските на Кошаркарската федерација се сведуваат на административна поддршка, регистрација на играчите во системот на ФИБА и обезбедување судии и технички лица.
Со други зборови, според предложениот модел, Федерацијата би била одговорна за административното и техничкото функционирање, додека суштинските прашања поврзани со стручниот кадар и селекцискиот процес би биле ставени под контрола на Олимпискиот комитет.
Од национална спортска федерација со сопствена стручна структура, од нас практично се бараше да станеме административен сервис на Олимпискиот комитет.
Таквиот пристап за нас е неприфатлив.
3.100.000 ДОЛАРИ – ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ИЛИ УСЛОВУВАЊЕ СО НАДЛЕЖНОСТИТЕ?
Во член 3 од предложениот Меморандум е предвидена вкупна финансиска рамка од 100.000 американски долари, распределена во периодот од 2025 до 2028 година.
Федерацијата ја поздравува секоја искрена иницијатива за финансиска поддршка и развој на кошарката 3×3.
Но, според предложениот Меморандум и комуникацијата меѓу двете институции, прифаќањето на финансиската поддршка беше поврзано со прифаќање модел во кој Олимпискиот комитет ќе има одлучувачка улога во изборот на стручниот кадар и составувањето на репрезентацијата.
Тука се поставува едно суштинско прашање:
Дали финансиската поддршка треба да служи за развој на спортот или може да биде услов за преземање на стручните и селекциските надлежности на националната федерација?
Уште посериозно е што ова прашање се појавува во околности кога во селекцијата е вклучен и синот на претседателот на Олимпискиот комитет.
Таквата поврзаност создава оправдана потреба од целосна транспарентност и утврдување дали постоел судир на интереси.
Финансиските средства не можат да бидат замена за спортските критериуми, ниту оправдување за заобиколување на надлежната Федерација.
4. НАШИОТ ПРЕДЛОГ ЗА СТРУЧНО ТЕЛО БЕШЕ ОДБИЕН
Особено значаен факт, кој досега не беше доволно објаснет пред јавноста, е дека Кошаркарската федерација не ја отфрлила можноста за соработка.
Напротив, во интерес на македонската кошарка и заради воспоставување транспарентен и стручен процес, предложивме формирање заедничко стручно тело составено од тројца членови:
– Двајца претставници предложени од Кошаркарската федерација на Македонија;
– Еден претставник предложен од Македонскиот олимписки комитет.
Ова тело требаше да овозможи заедничка стручна работа, јасна одговорност и избор на селектор и репрезентативци врз основа на спортски критериуми.
Но, според непосредната комуникација со претседателот Даниел Димевски, ваквиот предлог не беше прифатен.
Неговата реакција, како што беше пренесена на претставниците на Федерацијата, беше:
„Заборавете го меморандумот.“
Оваа реакција отвора суштинско прашање:
Ако заедничката цел навистина била развој на кошарката 3×3, зошто не бил прифатен модел во кој мнозинството во стручното тело би го имала надлежната национална федерација?
Федерацијата понуди соработка, а не конфронтација. Понуди стручен механизам, а не политизирање на спортот. Понуди јасни критериуми, а не лични привилегии.
5. НАДЛЕЖНОСТИТЕ НА ФЕДЕРАЦИЈАТА НЕ СЕ НА ПРОДАЖБА – НАЦИОНАЛНИОТ ДРЕС СЕ ЗАСЛУЖУВА, А НЕ СЕ КУПУВА!
Кошаркарската федерација на Македонија, согласно сопствениот Статут, правилниците и другите нормативни акти, има јасно утврдени права, обврски и одговорности во организацијата, развојот и стручната грижа за националните кошаркарски селекции.
Тие надлежности не се прашање на добра волја на раководството на Федерацијата, туку институционална обврска што сме должни да ја почитуваме и заштитуваме.
Затоа сакаме недвосмислено да порачаме:
Кошаркарската федерација на Македонија никогаш, за никакви пари и под никакви услови, нема да ги продаде, отстапи или стави на располагање своите надлежности заради задоволување нечии лични, семејни или други интереси.
Не смееме и нема да дозволиме децата на оние што располагаат со финансиски средства, институционална моќ или влијателни позиции да добиваат предност пред децата кои со својот талент, труд, посветеност и спортски резултати заслужуваат да го носат националниот дрес.
Ниту еден родител, без оглед колку пари има или каква функција извршува, не смее да биде причина неговото дете да добие предност пред поспособен и позаслужен спортист.
За нас ова не е само прашање на надлежности. Ова е прашање на спортска правда, морал и одговорност кон илјадниците млади кошаркари кои секојдневно тренираат, се натпреваруваат и сонуваат еден ден да ја претставуваат Македонија.
Што треба да им порачаме на тие деца и на нивните родители? Дека трудот, талентот и резултатите не се доволни? Дека за да се стане репрезентативец е поважно кој ви е татко, отколку каков спортист сте?
Таква порака Кошаркарската федерација на Македонија никогаш нема да испрати!
Токму затоа го одбивме предложениот модел на соработка со Македонскиот олимписки комитет. Не затоа што сме против финансиска поддршка, туку затоа што не прифаќаме финансиските средства да бидат услов за откажување од нашите стручни и институционални одговорности.
Нашата Федерација не е и никогаш нема да биде административен параван за одлуки донесени надвор од нејзините надлежни органи.
Националната репрезентација мора да биде составена од спортисти избрани врз основа на објективни и транспарентни спортски критериуми, а не врз основа на финансиската или институционалната моќ на нивните родители.
Во досегашната комуникација, наместо прифаќање на овие принципи, се соочивме со несогласувања, обвинувања и јавни квалификации кои ги сметаме за неосновани и штетни за угледот на Федерацијата.
Ние нема да дозволиме нашата принципиелна определба за заштита на националните селекции да биде претставувана како опструкција на олимпиското движење.
Нашата обврска е кон македонската кошарка, кон спортистите и кон нивната иднина, а не кон амбициите на кој било спортски функционер.
И од таа обврска нема да отстапиме, без оглед на притисоците и понудените финансиски средства.
6. ОЛИМПИСКИТЕ ВРЕДНОСТИ НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ САМО ДЕКЛАРАЦИЈА
Олимпиското движење се темели на чесност, еднаквост, фер натпреварување, почитување на правилата и интегритет.
Овие вредности мора да важат за сите, а особено за оние што се наоѓаат на највисоките раководни позиции.
Не може од националните федерации да се бара почитување на олимписките принципи, а истовремено да се создаваат околности што отвораат сериозни сомнежи за семејно фаворизирање.
Не може да се бара институционална соработка, а да се одбива предлог за заедничко стручно одлучување.
И не може финансиската поддршка да биде поврзана со барање националната федерација да се откаже од суштинската улога во формирањето на сопствената репрезентација.
Националниот дрес не е ничија семејна привилегија. Тој е чест која се заслужува со квалитет, работа и спортски резултати.
7. БАРАЊЕ ЗА ОСТАВКА И УТВРДУВАЊЕ ОДГОВОРНОСТ
Имајќи ги предвид сите наведени околности, Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија оценува дека е сериозно нарушена довербата во начинот на кој претседателот Даниел Димевски постапувал во односите со Федерацијата и во прашањата поврзани со националната селекција во кошарка 3×3.
Поради тоа, Управниот одбор јавно бара Даниел Димевски веднаш да поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Македонскиот олимписки комитет.
Истовремено, Федерацијата бара надлежните органи и тела да ги разгледаат сите околности поврзани со:
– Начинот и критериумите за избор на националната селекција во кошарка 3×3;
– Евентуалниот судир на интереси поради вклучувањето на синот на претседателот на МОК;
– Условите поставени за користење на финансиските средства предвидени за развој на оваа олимписка дисциплина;
– Почитувањето на надлежностите на Кошаркарската федерација;
– Евентуалните неосновани обвинувања и постапувања со кои е нанесена штета на угледот на Федерацијата.
Кошаркарската федерација ќе ги искористи сите расположливи институционални и правни механизми за заштита на својата самостојност, углед и надлежности.
Ова не е борба против Олимпискиот комитет. Ова е борба за почитување на спортските принципи и за спречување на секој можен облик на непотизам и злоупотреба на институционалната позиција.
Македонскиот спорт мора да им припаѓа на спортистите, тренерите и спортските работници, а не на семејните интереси на функционерите.
Функциите се минливи. Спортските вредности и институционалниот интегритет мора да останат.