Британскиот автор М. Џон Харисон ја доби Букеровата награда за 2026 – прва за научна фантастика
Лондон – Осумдесет и едногодишниот автор М. Џон Харисон ја освои наградата „Букер“ за романот „Крајот на сè“ (The End of Everything) – постапокалиптично дело чие дејство се одвива на брегот на Кент во блиска иднина – со што стана најстариот добитник во историјата на оваа награда.
Геби Вуд, извршна директорка на Фондацијата за наградата „Букер“, изјави дека иако многу претходни добитници експериментирале со научната фантастика, Харисон е „првиот добитник на ’Букер‘ кој доаѓа директно од светот на вистинската научна фантастика“. Таа ја нарече оваа победа „историска, за писател чие повеќедецениско творештво е суптилно вткаено во секоја страница“.

Харисон, кој објавува дела веќе шест децении, го надмина рекордот на Маргарет Атвуд, која имаше 79 години кога во 2019 година ја подели наградата за романот „Заветите“ (The Testaments). Тој ја прими наградата во износ од 50.000 фунти, како и трофејот, на свеченост одржана во Лондон во понеделникот вечерта.
„Крајот на сè“ – првата номинација на Харисон за „Букер“ – е сместен неколку децении во иднината, години по катастрофа за која никој не може да даде соодветно објаснување. Дејството се одвива на брегот на Кент, каде што Филип Тенент и неговата остарена тетка Марни се обидуваат да преживеат соочени со постојаната закана од мистериозните „иГети“ (iGhetti) – огромни суштества што можат да го менуваат својот облик, а чие потекло и намери остануваат необјаснети. Со своите 198 страници, ова беше најкратката книга во потесниот избор.
Мери Бирд, претседателка на жирито, изјави дека одлуката била едногласна и донесена по целодневна дискусија. „Ова е книга што ве превртува наопаку, ви измамува иронична насмевка, а – изненадувачки, со оглед на тематиката – ви остава и трошка оптимизам“, рече таа. „Една од главните поенти на книгата е дека, ако или кога ќе се случи таква апокалипса, таа ќе биде целосно несфатлива. А и старите правила повеќе нема да важат… Ова е политиката на сегашноста, набљудувана низ призмата на иднината.“ Харисон, роден во Рагби, Ворвикшир, во 1945 година, ја продал својата прва приказна во 1965 година, а поголемиот дел од 1970-тите го поминал уредувајќи ги страниците посветени на книги во списанието за шпекулативна фикција „Њу ворлдс“ (New Worlds). Покрај романите, тој има напишано и пет збирки раскази, како и „анти-мемоарот“ „Посакувам да бев овде“ (Wish I Was Here, 2023). Романот „Алпинисти“ (Climbers) ја доби наградата „Бордмен Таскер“ за планинска литература во 1989 година, „Нова свинг“ (Nova Swing) ја освои наградата „Артур К. Кларк“ во 2007 година, а „Потонатата земја почнува повторно да се издига“ (The Sunken Land Begins to Rise Again) ја доби наградата „Голдсмитс“ во 2020 година. Некогаш страстен алпинист и тркач по планински терени, тој во 2022 година беше член на жирито за наградата „Букер“.

Во потесниот избор оваа година се најдоа двајца претходни добитници: Марлон Џејмс – фаворит според обложувалниците – со делото „Оние што исчезнуваат“ (The Disappearers), и Даглас Стјуарт со „Џон од Џон“ (John of John). Листата ја заокружуваат „Работите што никогаш не ги кажуваме“ (The Things We Never Say) од Елизабет Страут, „Црна торба“ (Black Bag) од Лук Кенард и дебитантското дело „Дали смееме да го нахраниме кралот“ (May We Feed the King) од Ребека Пери. Секој од авторите во потесниот избор добива по 2.500 фунти.
Минатата недела, пишувајќи за „Гардијан“ за својата инспирација, Харисон го опиша „Крајот на сè“ (The End of Everything) како „приказна за катастрофа, при што катастрофата се состои во неможноста за разбирање“. Во неа, вонземјаните пристигнуваат „како доселеници од друга димензија, што е паралела со џентрификацијата на места како што е југоисточниот брег на Обединетото Кралство“. Тој призна дека се обидел на читателот да му пренесе „дел од збунетоста и конфузијата на ликовите“, но изрази надеж дека темите се јасни – меѓу нив и „колапсот на рационалноста што доаѓа со трампизмот и интернетот“.
Неговата победа претставува редок момент на признание од пошироката јавност за писател кој долго време ужива почит меѓу колегите, но се наоѓа на маргините на книжевната фикција. Минатиот месец, во емисијата „Фронт роу“ (Front Row) на Би-би-си Радио 4, Харисон изјави дека „работел 40 до 50 години на промена на рамнотежата, како преку своите романи, така и преку критиките“, додавајќи: „Зошто едно добро напишано дело од научната фантастика не би се сметало за книжевна фикција?“ Дури и оние што ја ценат книгата признаваат дека таа не се чита лесно. Во исклучително пофална рецензија за „Гардијан“, Мишел Фабер вели дека таа „ја разоткрива застрашувачката несигурност на денешниот живот“, но предупредува дека „не е за секого“.
Победата доаѓа во вистински момент, во ерата на вештачката интелигенција. Бирд забележува дека буквата „i“ во насловот „iGhetti“ упатува „на нешто дигитално, иако не може да се тврди со сигурност“, додека Вуд го опишува постапокалиптичниот пејзаж во книгата како „исполнет со големи јазични модели“ (Large Language Models).
Во жирито беа и фронтменот на групата „Палп“, Џарвис Кокер, авторите Патриша Локвуд и Рејмонд Антробус, како и новинарката од „Гардијан“, Ребека Лиу. Тие разгледаа 163 книги објавени во Обединетото Кралство или Ирска во периодот од 1 октомври 2025 до 30 септември 2026 година.
Ова е прва победа за „Серпентс тејл“ (Serpent’s Tail) – едиција на независната издавачка куќа „Профајл букс“ (Profile Books) – и нивна петта номинација. Минатата година наградата ја доби унгарско-британскиот автор Дејвид Салај за делото „Flesh“; меѓу другите неодамнешни добитници се и Саманта Харви со „Orbital“, Пол Линч со „Prophet Song“ и Шехан Карунатилака со „The Seven Moons of Maali Almeida“. (Гардијан)