Во Анталија утре почнува 31. Конференција на ОН за климатски промени – КОП31
Триесет и првата конференција на Обединетите нации за климатски промени (КОП31) почнува утре во турскиот медитерански град Анталија, каде ќе допатуваат шефови на држави, високи функционери, академици и претставници на цивилното општество од целиот свет.
Турција ќе претседава со овогодишната конференција што ќе трае од 9 до 20 ноември, а е организирана под мотото „КОП на иднината – КОП на спроведувањето“, засновано на три столба: дијалог, консензус и дејствување, со цел претворање на климатските обврски во конкретни и мерливи активности. Првата конференција беше одржана во Берлин во 1995 година.
За потребите на самитот, во Анталија е подготвен огромен простор од 1,1 милион квадратни метри, поделен на Сина и Зелена зона, јави Анадолија. Во Сината зона, чиј пристап е под контрола на ОН, ќе се одржуваат официјалните преговори, состаноците на високо ниво, како и павилјони и музејот на нула отпад во форма на „Временски тунел“.
Зелената зона е отворена за јавноста и содржи тематски центри, научни и индустриски павилјони, кујни инспирирани од регионите на Анадолија и сали именувани по историски личности и културни наследства, како најголемата сала „Газа“ (капацитет 5.000 лица) и пленарните сали „Анадолија“ и „Акдениз“.
За време на самитот ќе функционира специјален кризен центар со полициски, здравствени и комунални служби, пет медицински пунктови со амбулантни возила и мобилни спасувачки тимови. За безбедноста ќе се грижат вкупно 27.957 припадници на полицијата, жандармеријата и крајбрежната стража, додека за превоз на учесниците се ангажирани 630 еколошки автобуси со ниски емисии на штетни гасови.