Во судар на возови во Египет загинаа најмалку седум лица, многу се повредени


Два патнички воза денеска се судрија на околу 76 километри јужно од Каиро, при што загинаа најмалку седум лица, а 112 се повредени, соопшти египетското Министерство за здравство.

Државната железничка управа соопшти дека воз што сообраќал од Гиза до Фајум удрил во задниот дел на друг воз, кој патувал од Каиро до Асуан. Поради судирот неколку вагони излетале од шините.

Спасувачките служби го расчистуваа местото на несреќата за што поскоро да се нормализира сообраќајот на релација Каиро – Горен Египет, но не се знае колку долго ќе трае овој процес.

Претседателот Абдел Фатах ал Сиси нареди итна истрага и рече дека сите одговорни за небрежност мора да ги сносат последиците.

Египетското државно обвинителство соопшти дека е во тек истрага за да се утврдат техничките причини за несреќата.

 

Египет ја има една од најстарите и најголемите железнички мрежи во регионот, а несреќите со жртви не се невообичаени, и покрај тоа што владата инвестираше милијарди египетски фунти во модернизирање на системот.

Најлошата железничка несреќа во историјата на Египет се случи во 2002 година, кога пожар се прошири низ седум вагони на преполн патнички воз, при што загинаа најмалку 360 луѓе.