Петрова не гледа логика да има медијатор меѓу Бугарија и Македонија
Нетипично е да има медијатор помеѓу земја членка на Европската Унија и земја кандидат за членство за договори кои не се од билатерален карактер, туку се усвоени и одобрени на европско ниво“, изјави бугарската шефица на дипломатијата Велислава Петрова-Чамова.
Таа ова го кажа одговарајќи на пратеничко прашање на вчерашната седница на бугарскиот парламент, а во врска со инсистирањето на Скопје во дијалогот меѓу Македонија и Бугарија за надминување на спорните прашања да бидат вклучени и претставници на институциите во Брисел.
Темата во врска со одржувањето на билатералниот дијалог меѓу на високо ниво помеѓу претставици на Бугарија и Македонија во врска со процесот на евроинтеграцијата на земјава, според БГНЕС, ја отворил пратеникот од редовите на ГЕРБ-СДФ и претходик на Петрова-Чамова на функцијата шеф на бугарската дипломатија Георги Георгиев. Тој меѓу другото се осврнува и на, како што се наведува, антибугарскиот наратив што, според него, доминира во земјава.Одговарајќи на прашањето во однос на барањето на земјава за медијаторство во разговорите меѓу Скопје и Софија, Петрова-Чамова вели дека позицијата на Бугарија е јасна.
„Важно е од Република Северна Македонија да се види подготвеност за политички наратив кој не е антибугарски, што досега беше главен“, рече Петрова за време на парламентарната дебата.
Според неа, дијалогот меѓу двете страни ќе биде тежок додека не се случи ова.
„Се надеваме дека ќе ја пронајдат политичката логика и пристап што ќе им овозможи да го базираат своето членство на различна теза од антибугарската“, рече министерката за надворешни работи.
Таа ги оцени како неосновани тврдењата на актуелната власт во Скопје дека Бугарија би можела да постави дополнителни барања (кон земјава) и да ја промени својата веќе воспоставена позиција кон Македонија.
„Во дијалогот со Република Северна Македонија, владата и Министерството за надворешни работи се водат од консензусот од 2022 година и последователните одлуки на бугарскиот парламент, кои јасно покажуваат каква е бугарската позиција“, рече министерката.
Поранешниот министер за надворешни работи Георг Георгиев ѝ даде, како што кажа, колегијален совет на Велислава Петрова по повод нејзината желба да бара политичка логика во однесувањето на властите во Скопјe.
„Пријателски совет меѓу колеги. Вие барате политичка логика во нивните постапки, а ја нема. Неколку пати се обидовме да најдеме основа за нивните постапки и реторика. Апсолутно нема логика во нивното однесување“, рече Георгиев.