За Алијансата на Албанците Максим Димитриевски е „патриот на батерии“


Максим Димитриевски
 Алијансата на Албанците реагира на заканите на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, дека ќе ја напушти владината коалиција ако се прифати барањето за полагање правосуден јазик на албански јазик, покрај македонскиот. Според нив Димитриевски е „патриот на батерии“ и одамна е прочитан. 
 
-Максим Димитриевски може да ја напушти Владата, бидејќи знае дека ќе има предвремени парламентарни избори. Прашањето за правосудниот испит му е потребно за да го искористи во предизборната кампања и да ја глуми улогата на „голем патриот“. Но, големиот патриот, всушност, е патриот на батерии од Кина.
 
Што друго би им кажал на гласачите во кампањата? Ќе го вратиме името на државата? Ќе обезбедиме бесплатен јавен превоз? Ќе го реконструираме градскиот плоштад?
 
Значи, сите други карти му се потрошени. Со ваквиот пристап се обидува, колку толку, да си го поправи рејтингот за 1%, но залудно.Прочитана карта!-порачаа од Алијансата. 
И за СДСМ овие изјави и настапи на Димитриевски се само обид да и обезбеди алиби на владеечката коалиција да оди на предвремени избори. 
 
–Максим Димитриевски одамна нема ништо од Платформата 1.0 што му ја направи Мицкоски. Нема повеќе никаков кредибилитет. Последната задача на сателитотот е да му даде алиби на Мицкоски за предвремени избори.Правосудниот испит сега се турка како тема за наводен судир во коалицијата. Целта е да се создаде впечаток на тензија и да се отвори пат за предвремени избори. Да не се признае дека е загрозена финансиската стабилност заради Алта банка и дека нема пари во буџетот.
 
Максо си го наплати предавството врз партијата и врз гласачите. Сега треба да ја изврши последната задача. Ова е влада што ништо не направи во ниту еден сегмент. Катастрофална состојба во економијата. Дипломатија што води кон целосна изолација. Aлтa банка пред стечај, штедачите без пари, јавните претпријатија – загрозени.Но пред обидот да му даде алиби на Мицкоски за избори, Максо мора да одговори зошто имал состанок со Вулин – директор на БИА, министер за одбрана и полиција, еден од осомничените за плантажата со марихуана во Србија (Јовањица) – околу Aлта банка.Каква била улогата на Максим за српската БИА и за Алта банка? Дали и Максо беше еден од лобистите за Вучиќевата пералница на пари од криминал и корупција?
 
Сега глуми заштитник на државата и на правосудството. Истиот човек што седеше на состанок со човек од БИА, околу банката што пере пари. Истиот што сега преку темата – правосуден испит, треба да му отвори пат на Мицкоски за предвремени избори, во момент кога касата се празни и аферата Алта банка ја тресе државата и граѓаните.Нема да има никакво алиби. Има прашања. И ќе има одговорност, порачаа од СДСМ. 
 
Инаку Димитриевски синоќа преку интервју на ТВ Сител порача дека ЗНАМ нема да прифати полагање на правосудниот испит на друг јазик освен на македонскиот, а доколку Владата донесе поинакво решение, партијата е подготвена да ја напушти владината коалиција.

Ставовите на ЗНАМ за ова прашање, додаде тој, му се познати на премиерот Христијан Мицкоски, но и дека партијата е подготвена за разговори во рамки на владината коалиција.

-На следната средба со премиерот ќе побарам лидерска средба затоа што ние никогаш со нашите партнери во владата немаме отворено разговарано за ова прашање за да ги дефинираме сите црвени линии и што тоа ќе значи во иднина за државата и за нашиот целокупен правосуден систем, рече претседателот на Движењето ЗНАМ.